Вечерва сме 100, 200, 300, задутре ќе бидеме 500, до крајот на месецот 1 000 и потоа е само пат на математичка прогресија да се постигне конечната цел, а нашата конечна цел е Македонија да ја вратиме назад во рацете на граѓаните, рече градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски

Во пресрет на 11 Октомври, во Прилеп вечерва се промовираше здружение „За нашите граѓани“ на којшто настан се обрати градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој порача дека намерата на ова здружение е да се шири низ цела Македонија и да им се даде можност на граѓаните да одлучуваат за себе, во сопствено име и во интерес на сите граѓани.
Ова здружение, соопштија од тимот на Димитриевски, е формирано по примерот на граѓанското здружение „За наше Куманово“, платформа со која тој откако не ја доби поддршката на неговата матична партија СДСМ настапи и победи како независен кандидат на локалните избори пред една година.

„Ние во Куманово, уште пред една година се одваживме и заедно рамо до рамо со граѓаните застанавме, првиот ден бевме малку, но вредни, чесни и достоинствени. Последниот ден кога се гласаше бевме на 26 илјади гласа и им испративме јасна порака на сите во Куманово и Македонија дека има нови сили во државата кои се подготвени да излезат и да работат од граѓаните за граѓаните. Благодарам на сите од иницијативниот одбор, што ќе учествуваат во основачкото собрание, а основната цел е првично да се има автономија во делот на одлучување и да се одлучува за граѓаните, бидејќи здружението се формира од прилепчани за прилепчани“,
потенцираше Димитриевски на настанот во Прилеп.
Промоцијата на ова здружение следува откако во претходните свои настапи актуелниот градоначалник на Куманово најавуваше формирање на граѓанско движење кое ќе излезе на политичката сцена на следните парламентарни избори.
Додека упатуваше критики дека изминатиот период се направени многу грешки и некој ќе мора да излезе пред јавноста и да се извини, Димитриевски дека тие како здружение ќе работат на сплотување и уверуваше дека во наредниот период ќе растат.

„Ние ќе продолжиме да работиме во сплотување на македонскиот народ, негово обединување без разлика дали доаѓа од лева или десна провениенција и поголемо заемно почитување и зближување на сите етнички заедници во нашата држава, бидејќи оваа држава Македонија им припаѓа на сите. Бидете горди, вечерва сме 100, 200, 300, задутре ќе бидеме 500, до крајот на месецот 1 000 и потоа е само пат на математичка прогресија да се постигне конечната цел, а нашата конечна цел е Македонија да ја вратиме назад во рацете на граѓаните, бидејќи големо фајде од политичките партии и субјекти не видовме. Нека ни е среќен и долговечен празникот, честитки и успех на здружението „За нашите граѓани“,
изјави Димитриевски, соопштија од неговиот ПР тим.