На средбата на пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како што информираат оттаму, бил потврден партискиот став за неспроведување на уставните измени кои, како што велат, се производ на диктат и се под неприфатливи услови
Во пресрет на најавената тет-а-тет средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, која ќе се одржи в среда, претседателот на опозициската партија денеска се сретнал со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието.

На средбата, како што информираат од партијата, бил потврден партискиот став за неспроведување на уставните измени кои, како што велат оттаму, се производ на диктат и се под услови кои се неприфатливи за граѓаните.
„Апелираме до Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилностите и погазувањето на државните и национални интереси, потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење на таква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани. Собранието не треба да се доведе во позиција за исполнување на поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта туку да служи на суверенот – граѓаните“,
се наведува во соопштението на опозициската партија.

Најавената лидерска средба помеѓу претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе се одржи в среда во Клубот на пратеници.
Ова денеска го потврдија од Владата наведувајќи дека средбата ќе биде во формат „еден на еден“ на барање на претседателот на опозициската партија.
На средбата, како што соопштија од Владата, лидерот на власта и опозицијата ќе ги соочат своите ставови во врска со одлуките кои треба да се донесат во Собранието со цел продолжување на европската интеграција на земјава, како и за пристапот на државата во одржувањето на односите со соседите.
Во изјава за медиумите премиерот денеска изрази надеж оти ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да се надмине себеси и, како што рече, да поддржи одлука со која државата по интеграцијата во НАТО ќе се интегрира и во Европската Унија.