Најголем дел од жителите, новата 2021 година ќе ја дочекаат од своите дневни соби, со надеж дека таа ни оддалеку нема да наликува на 2020
Планетата Земја денеска започна да врти страница од новата 2021 година, додека истовремено годината што изминува, 2020, многумина би сакале да ја заборават.

Милјарди луѓе се принудени оваа Нова година да ја дочекаат во домашна атмосфера, само со најблиските поради ограничувањата поради пандемијата од коронавирусот, која дефинитивно ја одбележа 2020 година.
По неколкумесечни ограничувања и изолација поради ковид-19 од што 1,7 милиони луѓе во светот починаа, новите бранови од епидемијата принудија милиони луѓе да ги следат прославите од своите дневни соби.
Од Сиднеј до Рим, огнометите се следат преку телевизиските екрани или компјутери.
Први, во новата 2021 година влегоа Кирибати и Самоа во 11 часот по средноевропско време.
Иако во голема мерка поштедени од пандемијата, пацифичките земји исто така ја слават Новата година на начин како и останатите во светот, поради полицискиот час и изолацијата.
Во Сиднеј, најголемиот град во Австралија, традиционалниот новогодишен огномет се одржа над мостот на Заливот, но речиси без присутни посматрачи, поради мерките кои одново се воведени по појавувањето на новиот бран со регистрирани 150 случаи во северниот дел од градот.
Но, само неколку часа претходно, милион луѓе се собраа на пристаништето во Сиднеј, но за разлика од претходните години, локациите се оградени, популарните паркови се затворени, а познатите ноќни клубови се затворени. Голем број полицајци беа распоредени во градот кој годинава повеќе наликува на град на духови.
Иако, се шпекулираше дека огнометот е откажан, сепак, на изненадување на жителите, седумминутна пиротехничка претстава на полноќ која го осветли симболичниот Мост во пристаништето и околината, беше вистинско изненадување.
Во Кина, каде тнр. кинеска нова година, која се слави во февруари, има предност пред оваа што се обележува на 1 јануари, минува незабележително.

Римјаните од своите дневни соби ќе ги следат церемониите на одбележување на почетокот на новата година што ќе бидат организирани на најстариот стадион во градот. На програмата ќе има два часа спектакл, како и осветлување на најпознатите места во градот. Градските власти забранија огномет и петарди кои обично одекнуваат на улиците и плоштадите во градот.

Во Италија во сила е карантин до 7 јануари, а полицискиот час почнува од 22 часот. Новогодишните прослави се забранети на јавни места, но и на приватно.
Од Франција преку Летонија до Бразил, полициски службеници, а некаде и војници ќе бидат распоредени на улиците за да се обезбеди почитување на полицискиот час и забраната за собири.
Во Лондон, кој силно е погоден од пандемијата, концерт ќе одржи 74-годишната американска пејачка Пети Смит, кој е посветен на припадниците на британската јавна здравствена служба кои починаа од ковид-19. Концертот ќе се емитува во живо на огромен екран на плоштадот „Пикадили“ и преку Јутјуб.

Во Русија, десетина луѓе, како и секоја година, денеска беа дел од традиционалното капење во исклучително студените води на Бајкалското Езеро на Сибир, каде и годинава температурите беа екстремно ниски помеѓу минус 26 и минус 35 степени.
Во Дубаи илјадници луѓе се очекува да присуствуваат на пиротехничкиот и ласерски спектакл кај Бурџ Калифа, највисоката кула во светот. Поради пораастот на бројот на заразени, секој мора да носи маска и да се регистрира преку специјален код.
Во Бејрут, властите ги олеснија мерките, со тоа што полицискиот час е преместен во три часот наутро. Баровите, рестораните и ноќните клубови повторно се отворија и се организираат големи новогодишни прослави.
Во Бразил, втората земја во светот која е најтешко погодена од панедмијата, се одржуваат масовни прослави, на кои не се носат ниту маски. Водеаа за вакви собири ги преплавија социјалните мрежи, а телевизиите пренесуваа снимки од полицајци кои затвораат ресторани полни со клиенти.

Во Германија, канцеларката Ангела Меркел во новогодишната честитка, предупреди дека оваа „историска криза“ ќе продолжи и во 2021 година, иако вакцината носи „надеж“.
