„Катимерини“ пишува дека прелиминарните извештаи укажуваат на дефект на струјното коло, иако точната причина или потекло сè уште не е утврдена

Летовите низ Грција денеска се во прекин поради технички проблем во атинскиот информативен регион за летови (FIR), што влијаело на пристигнувањата и заминувањата од главниот аеродром во Атина и од регионалните аеродроми.
Грчките медиуми пренесуваат дека проблемот е поврзан со централните радиофреквенциски системи на Центрите за контрола, кои работат под Управата за цивилно воздухопловство.
„Радиофреквенциите што го опслужуваат засегнатиот контролен центар се надвор од функција. Центарот игра клучна улога, бидејќи сите авиони што влегуваат во грчкиот воздушен простор се должни да воспостават комуникација со него. Техничкиот дефект влијае на сите летови до и од Грција, иако авионите што веќе се во воздух продолжуваат нормално“,
се додава во написите.
Панајотис Псарос, претседател на Здружението на контролори на летање, во изјава за „Катимерини“ вели дека како резултат на тоа, првата мерка е да се суспендираат сите заминувања од грчките аеродроми, а во исто време, се преземаат напори за управување со авионите што веќе се во воздух за да можат безбедно да слетаат.
Во оваа фаза, Грчката управа за цивилно воздухопловство (HCAA), во координација со релевантни надворешни агенции, го истражува инцидентот.
„Катимерини“ пишува дека прелиминарните извештаи укажуваат на дефект на струјното коло, иако точната причина или потекло сè уште не е утврдена.
Засега нема индикации кога ќе се обнови нормалното работење.
