Учесниците носат транспаренти со пораки како „Сакам живот“, „Мир да, блокада не“ и „Доста е“
Во повеќе од 70 населени места и градови низ Србија денеска се одржуваат собири на симпатизери на владејачката Српска напредна странка (СНС), организирани под слоганот „Граѓани против блокадите“. Собирите започнаа попладнево, а меѓу градовите каде што има протести се Обреновац, Трговиште, Бор, Прибој, Рума, Рашка, Лучани, Пожаревац и Неготин. Засега нема собири во Белград и во Нови Сад.

Учесниците носат транспаренти со пораки како „Сакам живот“, „Мир да, блокада не“ и „Доста е“. Според провладините симпатизери, пораката што треба тие да ја испратат денеска е токму дека „им е доста“, во насока на изразување незадоволство од блокадите што изминатите девет месеци се организирани од студентите.
Српската јавност е веќе неколку недели сведок на длабока политичка поделба. Опозициските партии и дел од граѓанските организации организираат блокади на патишта и протести, тврдејќи дека власта не обезбедува фер изборни услови и дека државата е заробена. Последниот таков протест беше одржан во средата во околу педесет градови.
Според симпатизерите на партијата на претседателот Александар Вучиќ, денешните контрапротести на симпатизерите на СНС имаат за цел да ја заштитат нормалноста на животот и правото на граѓаните на слободно движење. Од опозициските кругови пак, се тврди дека ваквите собири се организирани и финансирани од власта со цел да се релативизираат и потиснат протестите против владините политики.