За да го прикријат потеклото и сопственоста на парите, осомничените во период од 2023 до 2025 година пуштиле во оптек, примиле и пренеле средства во вкупен износ од 2 милиони евра и на овој начин, како што наведуваат од ОЈО ГОКК, го извршиле делото перење пари
По неколкудневна акција на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на повеќе локации во државата, 11 лица се приведени, а против 33 лица е поведена истрага поради основано сомнение за сторени кривични дела од економско-финансиска природа.
Акцијата била спроведена во Скопје и околината, Куманово, Неготино, Велес, Пехчево, Пробиштип и Кочани ноќта помеѓу 17 и 18 декември и во текот на вчерашниот ден.

Сите осомничени се товарат за злосторничко здружување. Дополнително, седум лица дел како помагачи, дел како поттикнувачи се товарат за злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, 12 лица за злоупотреба на службена положба и овластување, додека на 20 лица на товар им се става дека, како соизвршители сториле кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.
Тројца од осомничените како службени лица вработени во „ЕСМ дистрибуција на топлина“ и четворица управители/сопственици на двете осомничени правни лица во 2023 година создале група со цел злоупотреба на постапката за јавен повик, а кон групата се приклучиле другите 26 осомничени.
Во 2023 година, по претходно договорена и изготвена техничка спецификација за набавка на СКАД ормари мониторинг ормар со ГСМ контролор за топлинска станица за потребите на „ЕСМ дистрибуција на топлина“, дел од припадниците на злосторничкото здружување, во својство на службени лица договориле на огласот за јавна набавка да се пријават двете осомничени фирми од Скопје и од Куманово.
„Правното лице од Куманово се јавило како економски оператор со непотполна документација и со понуда повисока од понудената цена од правното лице од Скопје, кое понудило речиси идентичен износ со проценетата вредност на јавната набавка, иако вредноста не била објавена во огласот за јавната набавка. Со ова дејствие овозможиле правното лице од Скопје да го добие договорот за јавна набавка на СКАД ормари и да се стекне со противправна имотна корист во вкупна вредност од 472 470 407 денари со ДДВ, односно 7 682 445 евра на штета на буџетот на ‘ЕСМ дистрибуција’“,
наведуваат од Обвинителството.
За да го прикријат потеклото и сопственоста на парите, осомничените во период од 2023 до 2025 година пуштиле во оптек, примиле и пренеле средства во вкупен износ од 2 милиони евра и на овој начин, како што додаваат од ОЈО ГОКК, го извршиле делото перење пари.
Согласно барањето на Обвинителството, Основниот кривичен суд Скопје на седум лица им определи притвор, а на шестмина им се определени мерки за обезбедување присуство.
