Потегот на Бајден доаѓа откако новоизбраниот претседател Доналд Трамп, кој денеска ќе биде инаугуриран, вети дека ќе преземе мерки против оние што се обидоа да го повикаат на одговорност за немирите во Капитол на 6 јануари 2021 година
Во последните часови од својот мандат, американскиот претседател во заминување Џо Бајден издаде помилување за докторот Ентони Фаучи, пензионираниот генерал Марк Мили и членовите на Претставничкиот дом на САД кои го истражуваа нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година.

Потегот на Бајден доаѓа откако новоизбраниот претседател Доналд Трамп, кој денеска ќе биде инаугуриран, вети дека ќе преземе мерки против оние кои се обидоа да го повикаат на одговорност за немирите во Капитол.
„Нашата нација се потпира на посветени, несебични јавни службеници секој ден. Тие се крвотокот на нашата демократија. Сепак, алармантно, јавните службеници се подложени на постојани закани и заплашувања поради верно извршување на нивните должности“,
рече Бајден во изјавата.
Доктор Фаучи речиси 40 години служеше како директор на Националниот институт за алергија и заразни болести и беше главен медицински советник на Бајден до неговото пензионирање во 2022 година. Помогна да се координира одговорот на нацијата во ковид-пандемијата. Беше критикуван од десницата за своите политики, меѓу кои и задолжително носење маски, за кои десноориентираните сметаа дека ги кршат нивните права.
Во изјава за американските медиуми Фаучи изјави дека навистина ја цени одлуката на Бајден, додавајќи дека можноста за кривично гонење предизвикала неизмерна загриженост за неговото семејство.
Генералот Марк Мили, пак, е поранешен претседател на Здружениот генералштаб, кој го нарече Трамп фашист и детално го опиша неговото однесување во времето на бунтот на 6 јануари 2021 година. Му заблагодари на Бајден за помилувањето и додаде дека не сака да го помине остатокот од својот живот борејќи се против оние кои би можеле неправедно да бараат одмазда.
