„Првичната претпоставка беше дека станува збор за околу 25 тони, но според последните информации се работи за 35 тони пиротехнички средства. Ова е доказ дека МВР решително и одлучно влезе во борбата со организираниот криминал, со оглед на тоа дека вакви пратки низ годините и тоа како биле спроведувани. Можеби ова е еден од најголемите внесувачи на вакви незаконски средства во државата“, кажа министерот
Во вчерашната акција кај наплатната станица Градско, пронајдени и одземени се околу 35 тони пиротехнички средства, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на настанот за промоцијата на 120 нови возила на македонската полиција.

„Во оперативна акација на МВР пронајдени се пиротехнички средства во досега невидена количина. Првичната претпоставка беше дека станува збор за околу 25 тони, но според последните информации се работи за 35 тони пиротехнички средства. Ова е доказ дека МВР решително и одлучно влезе во борбата со организираниот криминал, со оглед на тоа дека вакви пратки низ годините и те како биле спроведувани. Можеби ова е еден од најголемите внесувачи на вакви незаконски средства во државата“,
рече тој.
Според него, во текот на денот ќе бидат соопштени повеќе детали во врска со другите дејствија што ќе бидат преземени во соработка со Обвинителството.
И за време на новогодишната ноќ, но и за празниците после Нова година, рече дека екипи на МВР ќе бидат постојано на терен, особено онаму каде има поголема фреквенција на граѓани.
„Ќе ги преземеме сите потребни дејствија што се во наша надлежност во насока на одржување на безбедноста во државата“,
вели Тошковски.
МВР вчера информираше дека се приведени две лица, од кои еден полициски службеник, откако при контрола на товарно возило „пежо боксер“ со струшки регистарски ознаки, со кое управувале, била пронајдена поголема количина пиротехнички средства за што не поседувале никаква документација.
Приведените биле фатени завчера наутро во 8:35 часот на наплатната станица Градско. На полициските службеници кои го извршиле претресот им кажале дека пиротехниката припаѓа на правно лице од Скопје.
