Членовите на организираната криминална група во период од април до јули во повеќе наврати извршиле криумчарење на илегални мигранти
Во координирана акција на полицијата и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по неколкумесечно истражување се уапсени шест лица кои биле членови на организирана криминална група која одреден временски период криумчареле мигранти на територијата на Македонија.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека акцијата е реализирана денеска и оти е спречен и транспорт на шест мигранти од Кина, меѓу кои има и малолетно лице. Оттаму велат и дека групата оперирала во период од април до 13 јули 2025 г. пренесувајќи мигранти од Србија преку илегални премини во околината на селото Лојане, општина Липково, од каде со помош на водачи и возила биле пренесувани до одредени локации во околината на Куманово, од каде биле превезувани до Гевгелија во близина на македонско-грчката граница и биле пренесувани во Грција.
„Како претходница т.н „чистач“ на сите транспорти на мигранти вршени од Б.З. бил В.Т., кој користел разни видови на патнички моторни возила. Криумчарењето на мигранти Б.З. го вршел така што, од возилата со кои го вршел транспортот ги отстранувал оригиналните регистарски ознаки и ставал регистарски ознаки кои потекнувале од други моторни возила, нерегистрирани или од возила кои биле претходно одјавени“,
велат од МВР.
При последниот обид за криумчарење мигранти, од околината на селото Лојане прифатиле шест мигранти од НР Кина, од кои едно малолетно лице и ги транспортирале во близина на селото Пчиња. Потоа, тие не застанале на знак од полициски службеници, туку започнале да бегаат, но за кратко време биле пронајдени и уапсени.
„Мигрантите се сместени во Прифатниот центар за странци Гази Баба во Скопје, а лишените од слобода се задржани во полициска станица за понатамошна постапка. Истовремено, на подрачјето на Гевгелија, поради претходно обезбедени докази, од слобода е лишен и В.Т.“,
информираат од Министерството за внатрешни работи.
Од уапсените, три лица се од Скопје, две од Куманово и едно лице од Гевгелија. За нив ќе биде поднесена кривична пријава за сторено дело „криумчарење на мигранти“ и „соизвршителство“.