Измамата била откриена откако работници од општината се обиделе да влезат во подрумот на спомен-куќата за да ја приклучат струјата за осветлување на блиското паркче и да ја разубават атмосферата за Фестивалот на филмската комедија – „Нушиќијада“
Во српско гратче Ивањица е откриена опрема за „рударење“ преку интернет, скриена во спомен-куќата во која е роден водачот на четничкото движење Дража Михајловиќ. „Снаодливите“ момчиња провалиле во објектот и во посебни орманчиња ја сместиле компјутерска опрема која ја управувале со далечински команди. Опремата била прикачена за струјомер кој се користел за потребите на градот и тој не бил евидентиран во системот на српската електродистрибутивна мрежа.
Измамата била откриена откако работници од општината се обиделе да влезат во подрумот на спомен-куќата за да ја приклучат струјата за осветлување на блиското паркче и да ја разубават атмосферата за Фестивалот на филмската комедија – „Нушиќијада“.
Сомнежот се јавил откако не успеале да ја отклучат влезната врата во подрумските простории. Биле приморани да ја обијат и се шокирале од тоа што го виделе. Целата просторија била облепена со лента за да не се гледа што се случува внатре. Сите машини работеле под полна пареа, а температурата во подрумот била над 40 степени. Тие веднаш го пријавиле случајот во локалната полиција.
Неофицијално, според податоците од броилото, потрошени биле преку 55 илјади киловати струја.

Криптовалутите се многу популарни во светот и многумина се решаваат да рударат некоја од валутите за да заработат. Но, за тоа е потребно вложување во „мајнинг ригови“ односно компјутерски машини со скапи графички картички од кои една чини минимум 400. Исто така, потребна е посебна просторија во која ќе бидат сместени машините бидејќи тие предизвикуваат бучава и исклучително висока температура. За да се „ископа“ повеќе, потребна е многу струја која драстично влијае на трошоците.