Во Париз денеска почнува тридневниот Форум за генерациска еднаквост, на кој ќе учествува и Северна Македонија. Овој форум ги здружува Обединетите нации, владите, невладини организации, младински групи, фондации, приватниот сектор и други кои заеднички треба да преземат конкретни заложби за родова еднаквост.
Најавено е учество на многубројни државници, претставници на невладини организации, корпорации, а со видеопорака ќе се обрати и претседателот Стево Пендаровски. На Форумот ќе учествува и извршната директорка на Фонд за население на Обединетите нации (УНФПА), Наталија Канем.
Во рамки на овој Форум, УНФПА заеднички ја предводи Акциската коалиција за сексуално и репродуктивно здравје и права и телесна автономија со неколку држави членки меѓу кои и нашата.
Темите на кои ќе се дискутира се однесуваат на глобалниот план за забрзување на родовата еднаквост, генерациската еднаквост, гласовите на феминистичката младина, иновативните иницијативи за родова еднаквост, родова еднаквост во хуманитарни ситуации за одговор на ковид-19 итн.
„Акциските коалиции на Форумот се платформа којашто содржи шест теми со повеќе од 90 партнери што се приклучија на коалицијата во февруари 2021 година, за солидарно да се обединат околу основните принципи: благосостојба, родова еднаквост и глобален просперитет. Ова претставува ново партнерство на владите, граѓанското општество, Обединетите нации и приватниот сектор за промовирање на правата на сите жени и девојки. Платформата во наредните пет години ќе донесе конкретни и трансформативни промени за жените и девојки низ целиот свет“,
велат организаторите.
Форумот за генерациска еднаквост е глобално здружување за родова еднаквост, свикан од страна на ОН жени (UN Women) и заеднички претседаван од страна на Франција и Мексико, во партнерство со Советодавната група на граѓанското општество (CSAG) како дел од годишнината на Пекинг+25. Форумот започна во Мексико Сити во март 2021 година и кулминира во Париз.