Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК) до 18:30 часот, најмала излезеност има во Центар Жупа (21,30 отсто)
Во Општина Центар Жупа не е обезбеден потребниот цензус од една третина од вкупното гласачко тело што изнесува 7 551 лице. Ова за МИА го потврди и Неџип Илјаз, претседателот на Општинската изборна комисија.

Во трка за градоначалник на оваа општина беа тројца кандидати – Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, кој се бореше за четврт мандат, Алил Емрула од Движењето за национално единство на Турците и Инае Баки од Партијата за движење на Турците.
Овие три партии, како и ВМРО-ДПМНЕ и Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), имаа кандидатски листи за девет члена на општинскиот совет.
Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК) до 18:30 часот, најмала излезеност има во Центар Жупа (21,30 отсто).
И на претходните избори во Општина Центар Жупа во двата круга гласање не беше обезбеден потребниот цензус од една третина од вкупното гласачко тело.
Потоа, Владата го именува за повереник за вршење на работите од надлежност на градоначалник, актуелниот Аријан Ибраим.
Тој на повторените избори на 17 април следната година, кога имаше еден противкандидат, доби околу 80 отсто од гласовите, но поради необезбеден цензус тиебеа повторени на 20 август, кога другиот кандидат се повлече, па Аријан Ибраим го обезбеди третиот последователен мандат со над 80 отсто од гласовите.
Во оваа печалбарска општина во Единствениот избирачки список има 7 551 лица, а според пописот, во неа живеат 3 720 жители.