Две лица се приведени откако полицијата во текот на вчерашниот ден во Охрид запленила вкупно 1 243 стебла канабис сатива.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, акцијата ја спровеле полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал заедно со СВР-Охрид. Стеблата од канабис сатива биле пронајдени во близина на болницата „Свети Еразмо“.
Приведени лица ќе се гонат за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. СВР-Охрид веќе поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Охрид, по што ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка од Основен Суд Охрид.
„Имено, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, работејќи на полето на сузбивање на организирани криминални групи кои вршат производство и недозволена трговија со наркотични дроги на национално и меѓународно ниво, заедно со полициски службеници од СВР-Охрид спроведоа заедничка координирана акција на подрачјето на Охрид, при што во близина на болницата „Свети Еразмо“ во Охрид беа пронајдени и запленети 1 243 стебла канабис сатива“,
информира МВР.