Приходите од данокот од продажба на марихуана ќе се инвестираат во јавни училишта и установи за ментално здравје и лекување од зависности, како и во станбени проекти
Првата легална продавница за марихуана за рекреативна употреба во Њујорк беше отворена вчера во срцето на Менхетен, во Ист Вилиџ. Повеќе од сто луѓе се собраа во продавницата што ја води непрофитното здружение „Хоусинг Воркс“ посветено на борбата против СИДА и бездомници.
„Првата легална продажба на канабис е историски момент за индустријата за канабис во Њујорк“,
рече Кети Хочул, гувернерка на четвртата најнаселена држава во Америка.
Таа рече дека очекува Њујорк да послужи како национален модел за безбедна и инклузивна индустрија за канабис.
„Хоусинг Воркс“ беше една од 36-те организации или поединци кои добија дозвола за продажба на марихуана за рекреативна употреба во ноември. Целта е да се издаде дозвола за тргување на 150 лица кои се осудени за поседување или продажба на канабис.
Приходите од данокот од продажба на марихуана ќе се инвестираат во јавни училишта и установи за ментално здравје и лекување од зависности, како и во станбени проекти.
Хочул во соопштението за печат вели дека забраната на марихуаната имала особено негативен и непропорционален ефект врз Афроамериканците и латино-заедницата.
Градот очекува продажбата на канабис да достигне 1,3 милијарда долари во 2023 година и да се отворат меѓу 19 000 и 24 000 нови работни места во следните три години.
Њујорк ја легализира марихуаната во март минатата година.