„Не сум размислувала на таа тема, јас имам сега друга работна задача. Јас сум тука да победам, да им дадам на граѓаните можност да имаме убаво, современо, чисто и зелено Скопје“, вели Шукова

Во недостаток на план и визија за Скопје, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, се обидува да биде вицкаст. Ова е коментарот на кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, откако вчера Ѓорѓиевски во телевизиско гостување рече дека доколку тој победи на изборите би можел да ја постави за директор на „Комунална хигиена“ доколку таа се покаже како најдобар кандидат.
„Мислам дека граѓаните тоа многу добро го гледаат. На граѓаните им треба некој што има визија“,
изјави Шукова.
Таа додаде дека Скопје нема потреба од „воз покрај кејот на реката Вардар“ или „парк на Вардариште“, критикувајќи ги претходните ветувања на Ѓорѓиевски.
На директно новинарско прашање дали би ја прифатила понудата за директорска позиција, Шукова одговори:
„Не сум размислувала на таа тема, јас имам сега друга работна задача. Јас сум тука да победам, да им дадам на граѓаните можност да имаме убаво, современо, чисто и зелено Скопје“.
Изјавата на Ѓорѓиевски беше кажана во синоќешно телевизиско гостување во емисијата „Клик плус“ на телевизија 21, каде во одговор на новинарско прашање дали би ги поканил за соработка неговите противкандидати доколку стане градоначалник.
„Секоја идеја што ќе значи додадена вредност на подобрување на условите за живеење ќе биде преземена и применета. Нема да ми пречи заеднички да седнеме на маса и заеднички да го реализираме. Немам јас никаков проблем со тоа, не патам од такви комплекси“,
рече Ѓорѓиевски.
Тој во понатамошниот дел од одговорот рече дека би го поканил независниот канидат Горан Марковски да биде вклучен како дел од неговите советници за да помогне во однос на сите проекти што треба да се реализираат.
„Каја Шукова, мислам самата се понуди за директор на ’Комунална хигиена’. А може ќе спроведеме постапка – интервју. Ако се покаже дека е најдобар кандидат можеби ќе биде поставена за директор“,
беше изјава на Ѓорѓиевски.
Инаку Шукова денеска, при посетата на Бутел со кандидатката за градоначалник на оваа општина од редовите на СДСМ, Оливера Ливриниќ, најавија дел од проектите што се планирани за овој дел од градот.
Во врска со урбанистичкиот план за „Мал ринг“, во Општина Центар, Шукова најави дека решението е да биде без сообраќај.
„Со тоа ќе се овозможи повеќе простор на пешаците и на велосипедистите, особено во централното градско подрачје каде има голем сообраќаен метеж“,
објасни таа.
За проблемот со узурпираните велосипедски патеки кои се претвораат во паркиралишта, Шукова посочи дека е разговарано со експерти и дека решението е во засилено спроведување на законите и казните.
„Голем дел од просторите се узурпирани и тоа мора конечно да се реши. Постојат закони, постојат казни и мислам дека треба да почнат да се спроведуваат. Впрочем и граѓаните треба да се малку повеќе свесни каде што има место за паркинг таму да го паркираат нивното возило, а пешачките ленти и лентите за велосипедисти треба да бидат за нив“,
рече Шукова.