Тој истакна дека нема никаква дилема оти и ние како држава сме покажале со достигнувањата на минималниот праг од два отсто дека сме подготвени за нови предизвици

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека прашањето за земјите членки на НАТО да издвојуваат пет отсто од бруто-домашниот производ (БДП) за одбраната сè уште е предмет на дискусија.
„Вчера бев на неформалниот состанок на земјите-членки на НАТО во Анталија. Се уште прашањето е во форма на дискусија. Но мое очекување е дека Алијансата ќе изгради консензус по ова прашање до Самитот којшто ќе се одржи во Хаг, а тоа е иницијатива која што ја предводи нашиот стратешки партнер САД. Иницијатива што исто така ја застапува и генералниот секретар господинот Руте. Гледаме иницијатива што е поддржана и од најголем дел од нашите партнери коишто се и земји членки на ЕУ“,
рече Муцунски во одговор на новинарско прашање дали земјава како членка на НАТО е подготвена да ја прифати целта да се издвојува пет отсто од БДП за одбраната.
Тој истакна дека нема никаква дилема оти и ние како држава сме покажале со достигнувањата на минималниот праг од два отсто дека сме подготвени за нови предизвици.
„Постојат очекувања дека ќе постигнеме консензус, сите иницијативи коишто ги предводи САД, како Франција, Германија, господинот Руте како генерален секретар, ние како одговорна членка на Алијансата, да, ќе ги поддржиме“,
додаде Муцунски на заедничката прес-конференција со неговата австриска колешка Беате Мајнл-Рајсингер.
Премиерот Христијан Мицкоски, вчера на прес-конференцијата со претседателот на Советот на ЕУ Антонио Кошта, одговарајќи на новинарски прашања рече дека Македонија е меѓу оние земји членки на НАТО кои веќе ги надминуваат стандардите за буџетски издвојувања за одбраната, со повеќе од 2,5 проценти од БДП.
„Македонија одамна има буџет за одбраната кој е над два проценти. Со проектите за модернизација на Армијата и инфраструктурните проекти, овие трошоци ќе растат“,
рече Мицкоски.
Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера од Анталија во интервју за Фокс њуз изјави дека на претстојниот самитот на НАТО во јуни, во Хаг, сите членки ќе се согласат за зголемување на средствата за одбрана во следната деценија на пет проценти од БДП.
„Можам да ви кажам дека за шест недели имаме состанок каде што речиси секоја членка на НАТО ќе биде на два или повеќе проценти од БДП, но што е поважно, многу од нив ќе бидат на над четири проценти, и сите ќе се согласат за целта од пет проценти во текот на следната деценија“,
рече шефот на американската дипломатија.
Самитот на НАТО ќе се одржи на 24 и 25 јуни во Холандија.