Според соопштението на британското Министерство за одбрана, во нападот не се пријавени жртви, а врз базата е предизвикана минимална штета
Претседателот на Кипар, Никос Христодулидес, изјави дека властите се во целосна готовност, но нагласи дека земјата не учествува на никаков начин и нема намера да учествува во никаква воена операција
Непосредно по полноќ, со беспилотно летало е нападната британската воздухопловна база во Акротири на Кипар – соопштија кипарските власти и британското Министерство за одбрана. Според соопштението на британското министерство, во нападот не се пријавени жртви, а врз базата е предизвикана минимална штета.

Членовите на семејствата во базата, како што соопштија оттаму, ќе бидат преместени во алтернативен сместувачки капацитет како превентивна мерка.
„Заштитата на нашите сили во регионот е на највисоко ниво. Нашата база и персонал продолжуваат да работат нормално, заштитувајќи ја безбедноста на Велика Британија и нашите интереси“,
се вели во соопштението на Министерството за одбрана на Велика Британија.
Британските власти засега не потврдуваат од каде е лансиран дронот.
Претседателот на Кипар, Никос Христодулидес, изјави дека властите се во целосна готовност, но нагласи дека земјата не учествува на никаков начин и нема намера да учествува во никаква воена операција. Кипарските власти превентивно ги затворија училиштата и извршија евакуации од местата каде што е потребно.
„Сите надлежни служби на републиката се во состојба на готовност и во целосна оперативна подготвеност“,
рече претседателот на Кипар.
Според изјавата на Христодулидес, која ја пренесува Ројтерс, се работи за беспилотно летало од типот „шахед“, произведено во Иран кое врз британската база се урнало три минути по полноќ.
Инцидентот случил неколку часа откако британскиот премиер Кир Стармер потврди дека Обединетото Кралство им дозволило на САД да користат одредени британски бази за напад на ирански ракетни цели.
