Тој рече дека освен за руралните подрачја, наскоро ќе треба да почне да се размислува и за состојбата со покриеност на лекари и во местата кои не се означени како такви, па дури и градски средини, бидејќи демографската и возрасната структура на матичните лекари е исклучително лоша
Од планираните 96, во руралните амбуланти во земјава работата 44 матични лекари, што значи дека тие функционираат со помалку од 50 отсто од предвидените капацитети.

Ваквата ситуација ја налага потребата од барање мерки со кои ќе се охрабрат младите лекари да започнат докторска пракса во овие средини, а за тоа треба да се работи и на измени на правилникот што ја регулира оваа проблематика.
Ова денеска на прес-конференција го кажа директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, според кого измените во правилникот се потребни за да се обезбеди натамошна либерализација на условите за рурални матични доктори и да се види кои се пречките кои оневозможуваат младите доктори да започнат да работат во руралните подрачја.
Клековски рече дека ги повикуваат сите матични лекари кои работат во руралните подрачја, младите доктори кои би сакале да почнат со работат во овие средини како и кој било заинтересиран, вклучувајќи го и Здружението на приватни лекари да дадат предлози што треба да се измени во правилата за да се промени актуелната состојба.
Предлозите, како што рече директорот на Фондот може да ги испратат до 1 ноември на електронската адреса [email protected] .
Тој посочи дека сите пристигнати предлози ќе бидат разгледани од посебна комисија задолжена за подготовка на измените и доколку тие се во согласност со законската регулатива, ќе бидат вградени во новиот правилник или ќе послужат како основа за законски измени.
Инаку, како што изјави Клековски, министерот за здравство на 6 октомври ќе го објави пакетот од 12 закони чии измени и дополнувања се планираат во наредниот период, а кои треба да го опфатат и ова прашање.
Она што Фондот може да го направи во конкретниот случај е да ги ги олесни критериумите и да го зголеми финансирањето.
Тој рече дека освен за руралните подрачја, наскоро ќе треба да почне да се размислува и за состојбата со покриеност на лекари и во местата кои не се означени како такви, па дури и градски средини, бидејќи демографската и возрасната структура на матичните лекари е исклучително лоша.
„Многу набрзо ќе мора да размислуваме за малите места кои не се дефинирани како рурални. Во Ресен има само тројца матични лекари. Демографската, возрасната структура на матичните лекари е исклучително лоша и за 10 до 15 години ќе имаме сериозна криза во покриеноста. И тоа не е ислучок за Македонија. Неодамна бев на консултација со Светската банка за Западен Балкан. Цела Европа е посебно погодена со криза во примарната здравствена заштита и огромни подрачја остануваат непокриени со примарна здравствена заштита и листите за чекање за базични прегледи се продолжуваат. Ако гледаме дека тоа ќе биде проблем за десеттина години, ние мора сега да дејствување, за да не се најдеме во ситуација на 30 до 40 километри да нема доктор достапен за населението“,
рече Клековски.

Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека имаат дотации кои не зависат од бројот на осигуреници, односно за руралните подрачја има посебно плаќање кое е независно од бројот на осигуреници.
Тој појасни дека една од можностите е понатаму да го либерализаат тој дел, односно да ги зголемат дотациите независно бидејќи главниот проблем на руралните подрачја е малиот број осигуреници што значи ниска капитација, односно ниски примања. Вториот проблем, нагласи, е составот на тимовите, бидејќи секаде се бара да има тим за таа работа.
„Треба како старт ап да го помогнеме стартот. Проблем е и тоа што немаме преносливост на амбулантите условно да кажам. Нашиот систем предвидува постоечка амбуланта да згасне, па да почне од почеток што ги обесхрабрува генерациските преноси, бидејќи една од размислите што треба да ги направиме е како ќе се случува ако многумина одат во пензија во следните десет години, како ќе се случува тој генерациски процес на преносот од докторите кои одат во пензија на младите доктори да има олеснување и таму. Дел од проблемите се лоцирани, но сакаме да бидеме консултативни и партиципативни да ги поканиме луѓето да си кажат што им е потребно, бидејќи тие сепак најдобро ќе знаат. Ова е земено предвид и ќе го разговараме, бидејќи прашањето е финансиско ќе гледаме како да го решиме“,
кажа директорот на Фондот за здравствено осигурување.