„Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) е многу внимателен во следењето на ситуацијата и за тоа ќе дискутира и Комитетот за здравство“, додала портпаролката на ЕК за социјални права, еднаквост, култура и здравство, Ева Хрнчирова во врска со првиот регистриран случај на заболен од метапневмонија во земја членка на ЕУ
По информацијата дека во Грција е регистиран првиот потврден случај на метапневмонија, односно на вирусот ХМПВ, денеска се огласија од Европската комисија (ЕК). Портпаролката на ЕК за социјални права, еднаквост, култура и здравство, Ева Хрнчирова изјави дека во моментов не е неопходно Европската Унија да се подготвува за нова пандемија.

Таа, во изјавата, што ја пренесе МИА, вели дека се свесни за извештаите во медиумите и за ситуацијата во Кина, каде според информациите има зголемен број случаи на лица заразени со метапневмонијавирусот.
„Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) е многу внимателен во следењето на ситуацијата и за тоа ќе дискутира и Комитетот за здравство и состојбата ќе се следи и во наредните недели“,
рекла Хрнчирова.
И надлежните во земјава денеска излегоа со смирувачки тонови дека нема простор за паника. Портпаролот на Комисијата за заразни болесит, Злате Мехмедовиќ во изјава за МИА вели дека станува збор за стар вирус и оти не треба да се очекува нова пандемија како онаа со ковид-19.
Тој посочува дека вакцина за овој вирус не постои и нагласува дека смртноста од него е исклучително ниска, многу пониска од таа на грипот.
„Компликациите од овој вирус се исклучително ретки. Вообичаени се кај деца под две години или кај лица со нарушен имунитет“,
вели Мехмедовиќ.
Симптомите се како кај грипот – секреција, кашлање, кивање, телесна температура, болки во зглобови. Метапневмовирусот најчесто се пренесува преку близок контакт, преку допир на контаминирани предмети па потоа допирање уста, нос, очи. Вообичаено дава горнореспираторни симптоми, а поретко долнореспираторни.
Мехмедовиќ, исто така, информира дека засега нема најава за заседавање на Комисијата за заразни болести.
Пораките и на здравствените власти во Грција каде е регистриран првиот случај на заболен од овој вирус се, исто така, смирувачки, односно дека нема простор за паника бидејќи станува збор за познат вирус.
Според грчкиот национален радиодифузер ЕРТ, случајот е регистриран на подрачјето на Солун кај 71-годишен маж, кој бил хоспитализиран и интубиран во болницата „Папаниколу“ со симптоми на пневмонија.
Пациентот, како што пишува „Катимерини“, првично бил препратен на приватна клиника, но поради сериозноста на состојбата бил префрлен во болницата „Папаниколу“, каде што поради влошената здравствена состојба е интубиран.
Според информациите на кои се повикува грчкиот весник, мажот бил тестиран, по што кај него бил дијагностициран вирусот ХМПВ, кој во моментов бележи пораст во Кина и се лекува во изолација.
Грчките медиумите јавуваат дека мажот најверојатно се заразил од својата ќерка која била на неколкудневен одмор во Кина. Неколку дена откако се вратила, на нејзиниот татко му се влошила здравствената состојба.
