Најсериозен меѓу трите активни пожари останува оној кај резерватот „Јасен“, каде на терен се и припадници на специјалните единици на полицијата
Три пожари сѐ уште се активни на територијата на целата држава, информираа утринава од Центарот за управување со кризи. Активни се пожарите во резерватот „Јасен“, кој е најкритичен и каде гори мешана шума, на територија на Општина Прилеп, во подрачјето на селото Беловодица кај местото наречено „Ливада“ гори букова шума, додека, пак, во Општина Маврово и Ростуше пожар има кај селото Церово, каде што гори нискостеблеста дабова шума и сеча.

Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на државава имало вкупно 18 пожари на отворен простор, извести ЦУК, а од изгаснатите пожари, по два биле на територија на општините Гостивар, Петровец и Тетово, а останатите во регионот на Гази Баба, Долнени, Желино, Крушево, Неготино, Радовиш, Струга, Студеничани и Чешиново-Облешево.