Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 93 се издадени во Скопскиот регион, а од предвидена изградба на 501 стан, 265 стана се во регионот на главниот град
Според податоците од пописот 2021 година кои беа објавени од Државниот завод за статистика во март годинава, бројот на станови во Скопје бележи пораст за 30,6 проценти во однос на податоците објавени во пописот од 2002 година. За разлика од бројот на станови, пак, населението во главниот град е поголемо за 3,9 отсто отколку во 2002 година

Вкупно 373 одобренија за градење се издадени во март годинава во земјава, што е за 10,4 отсто повеќе во однос на март минатата година, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).
Од вкупниот број издадени одобренија за градење во март годинава, 182 се наменети за објекти од високоградба, 69 одобренија се за нискоградба и 122 одобренија за објекти за реконструкција.
„Вкупната предвидена вредност на објектите што ќе се градат според издадените собренија изнесува 4 585 341 000 денари, и е за 12,1 проценти помалку во однос на март минатата година“,
соопшти ДЗС.
Според податоците на ДЗС, 93 од вкупниот број на одобренија за градење се издадени во Скопскиот регион и тоа по 17 во општините Гази Баба и Карпош, 12 во Чучер Сандево, по седум во Петровец и Сопиште, три во Аеродром.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 501 стан, со вкупна корисна површина од 45 333 метри квадратни. Од вкупно предвидените, 265 станови се во Скопскиот регион.
Според податоците од пописот 2021 година кои беа објавени од Државниот завод за статистика во март годинава, бројот на станови во Скопје бележи пораст за 30,6 проценти во однос на податоците објавени во пописот од 2002 година.
Па така, според пописот од 2021 година, во Скопје се попишани 213 850 стана, што споредбено со податоците од 2002 година е за 50 105 повеќе, кога во главниот град биле попишании 163 745 стана.
Населението во главниот град, пак, е поголемо за речиси 20 илјади сега отколку во 2002 година, што е за 3,9 отсто повеќе отколку во 2002 година.