Иднината на образованието треба да се базира на развојот на т.н. STEM дисциплини (наука,технологија, инженерство и математика), родовата еднаквост и развојот на зелените компетенции кај младата популација беше заклучено на работилницата која се организираше во Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ.
На работилницата учество земаа над 100 наставници и директори од над 25 средни училишта во С Македонија, а настанот го отворија претседателот на МАНУ, академик д-р Љупчо Коцарев, проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија 2025, Џан Мемед, директор на дирекција за корпоративни клиенти, претставник на Халкбанка АД Скопје, како и проф. д-р Радмил Поленаковиќ, претставник на Машински факултет, УКИМ и Претседател на Националниот центар за развој на иновации и претприемничко учење од
Скопје.
,,Денешното присуство на преку 100 наставници и директори од над 25 средни училишта од целата наша држава е доказ за интересот и желбата континуирано да го подобруваме образованието, преку дискусија и елаборирање на теми кои се во фокусот на интерес на развиените земји, а особено се значајни и за нашата држава бидејќи се директно поврзани со нашата иднина и со одржливиот економски развој. Не само желба, туку и наша обврска е да ги поттикнеме нашите ученици да развиваат критичко размислување”,
изјави проф. д-р Радмил Поленаковиќ.
На работилницата се поттикна дискусија и размена на искуства за застапеноста и мотивацијата на жените за учество во науката и образованието со фокус на STEM дисциплините, а значаен осврт на ситуацијата во Република Северна Македонија беше даден од страна на Нена Манчев, програмски директор за образование на фондацијата Македонија 2025.
„Македонија 2025 ќе продолжи со имплементација на активности за промовирање на СТЕМ образование за младите, со фокус на девојки. Во 2022 г. 800 млади од Македонија учествуваа во нашите обуки и програми”,
изјави проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски.
Академикот Љупчо Коцарев истакна дека образованието не треба да се сфати само како ефикасно средство за едукација на учениците или постигнување на националните образовни цели, напротив, образованието е јавно добро што треба да се смести во пошироки општествени и културни рамки и движења.