Претседателот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, на денешната свеченост по повод двегодишнината од формирањето на партијата, рече оти земјава својата мигрантска приказна ја заврши пред 25 години
ЗНАМ никогаш нема да даде поддршка за отворање на мигрантски кампови во Македонија, рече лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски во обраќањето по повод двегодишнината од формирањето на партијата. Тој рече оти во земјава нема простор за нешто такво и оти на иста линија како и нив, се и останатите коалициски партнери во Владата.
„Македонија својата мигрантска приказна ја заврши во 2000 година, со завршувањето на косовската криза. Нема простор за отворање мигрантски кампови во Македонија. ЗНАМ нема никогаш да даде поддршка“,
рече тој.
Претходно, денеска, опозициската СДСМ обвини коалицијата ВМРО-ДПМНЕ-ЗНАМ конечно го признала постоењето на договорот „мигранти за пари“ откако ја подготвиле својата „Резолуција против нелегалната миграција“ истакнувајќи дека ова претставува предавство на државата.
СДСМ тврди дека резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, наместо јасно да се спротивстави на прифаќањето мигранти од Британија за финансиска надокнада, користи игра на зборови и обид за поинакво дефинирање на мигрантите.
Инаку, оваа реакција на СДСМ доаѓа откако денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, ја претстави „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
Мицевски истакна дека целта на резолуцијата е да се спротивстави на, како што наведе, „организираната и координирана кампања од страна на опозицијата“ која ширела несигурност и паника помеѓу граѓаните со лажни информации за прифаќање мигранти и изградба на кампови.
