Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска денеска треба да се изречат пресуди за два предмета кои беа отворени од Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Изрекувањето на првата пресуда е закажано за 9:30 часот за случајот „Титаник 3“.
Обвинети во овој предмет се Ејуп Алими, координатор на ДУИ во последниот пратенички состав, и Исмен Гури. Тие се товарат за изборни нерегуларности, односно уништување изборен материјал на локалните избори во Чаир во 2013 година.
Судењето за предметот траеше околу две години, случајот беше враќан и на почеток откако главната судијка која постапуваше Оља Ристова, бараше изземање. Сега судењето го води судијката Марија Клетничка.
Судијката Добрила Кацарска, пак, неколку часа подоцна ќе ја соопшти пресудата за предметот „Транспортер“ во кој се опфатени 20-ина лица, меѓу кои првообвинет е поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески.
Нив СЈО ги седна на обвинителна клупа поради злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што, според обвинителството, е направена проневера на околу 360 000 евра.