Поради ова, од Основниот кривичен суд Скопје денеска упатиле писмо до Управата на Казнено-поправната установа Затвор „Скопје“ изразувајќи загриженост поради тоа што меѓу одложените расправи биле и предмети од одделот за организиран криминал и корупција со повеќе од 10-ина обвинети од кои дел се наоѓаат во притворското одделение на Затворот „Скопје“ и за кои течат рокови по кои судот е должен да постапува

Изминатите два дена во скопскиот Кривичен суд биле одложени речиси сите притворски предмети кои уредно биле насрочени, со навремена достава на покани за странките, информираа денеска од Судот.
Како причина наведуваат дека е тоа што од затворот во Шутка не биле спроведени притворените лица на закажаните рочишта.
Поради ова, од Основниот кривичен суд Скопје денеска упатиле писмо до управата на Казнено-поправната установа Затвор „Скопје“ изразувајќи загриженост поради тоа што меѓу одложените расправи биле и предмети од одделот за организиран криминал и корупција со повеќе од 10-тина обвинети од кои дел се наоѓаат во притворското одделение на затвор „Скопје“ и за кои течат рокови по кои судот е должен да постапува.
Во соопштението Кривичниот суд нагласува дека ваквата состојба е спротивна на нивните заложби за ефикасно и економично работење.
Судот потсетува дека мерката притвор е најтешката форма на ограничување на слободата и е наменета исклучиво за обезбедување на присуство на обвинетите во судските постапки, а не смее да се претвори во казна.
Во писмото до директорот на затворот, судот посочува дека и покрај сите напори и трошоци, судењата се одлагаат поради неспроведувањето на обвинетите.
Како пример го наведуваат рочиштето кое било одложено денеска, иако на него присуствувале 12 обвинети, нивните бранители и јавен обвинител.
Во писмото, судот нагласува дека затворот е „сервис на судот“ и дека негова задача е да го обезбеди присуството на обвинетите кои треба да бидат изведени пред лицето на правдата.
„За жал, во последно време се бележи дека рочиштата каде што обвинетите се јавуваат на покана на суд се одвиваат без одлагање, а рочиштата каде што обвинетите се во притвор се одлагаат“,
се вели во писмото.
Од Кривичниот суд, во писмото, изразуваат очекување дека оваа ситуација повеќе нема да се случува.