Вкупната бројка на пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1 315 и има околу 340 празни болнички кревети во ковид-центрите, информираат од Министерството за здравство.
Во последното деноноќие само во Скопје биле примени нови 54 ковид-пациенти поради компликации со вирусот. Од вкупната бројка што се лекуваат болнички, 549 лица се сместени во ковид-центрите во главниот град.
„Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени“,
велат од Министерството.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците надвор од Скопје е пријавено дека се лекуваат вкупно 766 пациенти позитивни и сомнителни на корона-вирусот.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 78 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 57 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 30 пациенти, во Велес се лекуваат 65 болни, а во Куманово 100 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19.
Во Охрид има хоспитализирано 92 пациенти, во Прилеп 118, во ковид-центарот во Гостивар 36, а во Струга 20 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 57 пациенти, во Кочани 11 во Кичево 10, Кавадарци 69, а во Гевгелија 23 лица, позитивни и сомнителни на коронавирусот.