Вкупната бројка на позитивни пациенти и сомнителни на коронавирусот што се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1 318
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје хоспитализирани се 49 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 461 лице сомнително и потврдено за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти Министерството за здравство. Низ градовите од внатрешноста, пак, се лекуваат вкупно 857 пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот.
„Во последното деноноќие на интерните клиники имало вкупно 20 приеми, и тоа на ТБЦ имало девет приеми, еден во ковид-центарот на Клиниката за неврологија, двајца болни се хоспитализирани на Клиниката за дерматовенерологија, тројца пациенти на Клиниката за нефрологија и исто толку во ковид-центарот на Клиниката за уво, нос и грло. На Клиниката за очни болести имало два приеми. Во ковид-центарот во ГОБ ‘8 Септември’ имало 15 нови приеми на пациенти, а 14 болни биле примени на Инфективната клиника“,
информира Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 39 оздравени пациенти. Во моментов на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 23 пациенти, на Клиниката за неврологија 34 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 43 пациенти со симптоми на коронавирусот, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 26 пациенти, а на Клиниката за очни болести 14 пациенти. Во ковид-центарот на Клиниката за уво, нос и грло има 27 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 108 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 151 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 35 пациенти, од кои седум деца и 28 возрасен.
Од вкупно 461 пациент потврден и сомнителен за ковид- 19, кои се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град, голем дел се на кислородна поддршка.
„И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, изутрината до 8 часот имало 30-ина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ ‘8 Септември’. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка“,
се вели во соопштението.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 81 пациент позитивен и сомнителен на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 67 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 43 пациенти, во Велес се лекуваат 60 болни, а во Куманово 110 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 100 пациенти, во Прилеп 128, во ковид-центарот во Гостивар 73, а во Струга 38 болни.
Во болницата во Струмица лежи 63 пациенти, во Кочани 17, во Кичево 20, Кавадарци 42, а во Гевгелија 15 лица позитивни на корона вирусот. Имајте во предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1 318 и има колку 130 празни болнички кревети во ковид-центрите.
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.