Во уредбата на ЦБК се наведува дека другите валути може да се користат во Косово како вредност за складирање во физичка форма или на банкарски сметки, за извршување меѓународни плаќања и за девизни активности

Од вчера сите готовински трансакции каде било во Косово ќе мора да се вршат во евра откако во саботата заврши преодниот рок на Централната банка на Косово (ЦБК) во однос на користењето на динарите.
Во периодот од 1 февруари, кога стапи во сила уредбата на ЦКБ, досега не се изречени казнени мерки, а граѓаните се информирани за примената на новите правила за готовинско плаќање. ЦБК соопшти дека после 12 мај – сите трансакции ќе се извршуваат во евра.
Во уредбата на ЦБК се наведува дека другите валути може да се користат во Косово како вредност за складирање во физичка форма или на банкарски сметки, за извршување меѓународни плаќања и за девизни активности.
Централната банка на Косово (ЦБК) донесе уредба според која од 1 февруари единствена валута за готовински платежни трансакции ќе биде еврото.
Во указот на Банката се наведува дека ваквата уредба е донесена согласно Уставот на Косово и законот на Централната банка на Косово и дека ЦБК е единствената „монетарна власт која може да одлучува за дозволените апоени на валутата евро за оптек на територијата на Косово“.
Во регулативата на Централната банка на Косово е наведено дека увозот и извозот на банкноти и монети евра, како и други валути, ќе се увезуваат во Косово под ексклузивно право на Централната банка на Косово.
На оваа одлука на Косово се спротивстави Србија, а меѓународната заедница побара одложување на нејзиното спроведување со образложение дека постои загриженост дека тоа може да има негативно влијание врз косовските Срби.