Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе еден амандман во врска со овој законски предлог, а со него побара од Владата да го објави договорот за изградба на коридорите во „Службен весник“ во рок од седум дена од влегувањето во сила на овој закон. Амандманот на опозициската партија, сепак, беше одбиен од членовите на Комисијата
И последниот од вкупно петте предлог-закони, поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д од страна на „Бехтел и Енка“, го помина филтерот на собраниската Комисија за европски прашања.
Станува збор за Законот за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе еден амандман во врска со овој законски предлог, а со него побара од Владата да го објави договорот за изградба на коридорите во „Службен весник“ во рок од седум дена од влегувањето во сила на овој закон.
„Со амандманот се предлага по членот 2 да се додаде нов член 2а кој гласи ‘Договорот за градење од членот 6 согласно Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија ќе се објави со Службен весник на Република Македонија во рок од седум дена од денот на влегување во сила на овој закон“,
кажа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната комисиска расправа давајќи образложение за предлог-законот.
Амандманот на опозициската партија, сепак, беше одбиен од членовите на Комисијата.
За време на комисиската расправа по однос на овој закон, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска, обвини дека со законот се дава можност за ослободување на увозни давачки на приватната компанија, нешто што, како што рече, во најмала рака е многу сомнително бидејќи навлегува и во автономијата на самиот Царински закон и претставува негово заобиколување.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, пак, кој беше присутен на денешната расправа, ја демантираше Петкоска.
„Никој не се ослободува од данок. Данок на добивка – што се заработува тука , ќе платат како и секоја фирма. Сите ќе платат данок на личен доход и придонеси. Секој што ќе работи на овој проект ќе ги плати сите давачки како и сите останати фирми во која било економска активност во земјата. Тоа што е предмет на ослободување се т.н. индиректни давачки, тие што всушност се трошок за инвеститорот, а во конкретниот случај инвеститор е ЈП за државни патишта и се финансира преку буџетски средства, односно преку заеми. Всушност се намалува трошокот кој со други зборови ќе значи доколку во просек ако 20 проценти се давачките по основ на ДДВ, царина и други давачки што, тоа ќе значи дека целиот трошок е некаде 20 отсто плус. Овие измени ги има и во постојното решение, но се допрецизира во оваа фаза во однос на тоа да нема дилеми при имплементација за да се констатираат сите такви ситуации во пракса и за да може државата да плати пониска цена“,
рече Бесими.
По минувањето на комисискиот филтер, Комисијата сега ќе треба да го достави законскиот предлог на натамошна постапка во законодавниот дом.