Во главниот град на Украина е вратено и снабдувањето со електрична енергија, но прекините на струја се неизбежни поради големите оштетувања на електроенергетскиот систем по руските напади
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека снабдувањето со електрична енергија и вода е обновено по руските ракетни напади врз украинските енергетски објекти, вклучително и хидроцентралите, кои предизвикаа прекини на струјата и недостиг на вода.
Кличко рече дека во главниот град на Украина е вратено и снабдувањето со електрична енергија, но дека прекините на струја се неизбежни поради големите оштетувања на електроенергетскиот систем по руските напади.
Тој изјави дека 40 отсто од жителите на градот останале без вода, додека 270 000 домови се без струја. Во западниот дел на Киев повеќе од 100 луѓе со празни пластични шишиња и контејнери чекаа ред да земат вода од фонтаната во паркот.
„Наместо да се бори на бојното поле, Русија се бори против цивилите“,
напиша украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер.
Оштетената украинска енергетска инфраструктура ќе се санира со опрема од 12 земји, се вели во посебна изјава на Кулеба. Руската војска потврди дека извршила напади со крстосувачки ракети и рече дека сите ги погодиле целите.
Русија со недели ја напаѓа енергетската инфраструктура на Украина и другите цивилни згради со ракетни, беспилотни летала и артилериски напади среде украинската контраофанзива која ги избрка руските војници од североистокот и ги турна назад кон исток и југоисток.
Претседателот Володимир Зеленски рече дека украинската противвоздушна одбрана направила добра работа со соборувањето на повеќето ракети, но дека зајакнувањето на капацитетите за противвоздушна одбрана на земјата останува главен приоритет.
„Нашите воздушни сили и сите вклучени во заштитата на небото направија многу добра работа денес. Повеќето цели што ги идентификуваа терористите се спасени. Само утринава терористите употребија 55 крстосувачки ракети во масивен напад. Четириесет и пет од нив беа соборени. Ќе продолжиме да ја зајакнуваме нашата противвоздушна одбрана“,
рече Зеленски синоќа.
Зеленски додаде дека се работи на реставрација во регионите кои беа цел на руски ракети.
На 31 октомври Русија лансираше проектили врз неколку украински градови, вклучувајќи го и главниот град Киев, додека Кремљ продолжува со нападите врз критичната украинска инфраструктура.
Со неуспешната осуммесечна инвазија и растечките изгледи за пораз, Кремљ се обидува да го тероризира и деморализира украинското население во обид да го разбие, велат западните и украинските власти.
Русија уништи повеќе од 40 отсто од енергетската инфраструктура на Украина за неколку недели, предизвикувајќи прекини на струја во Киев и на други места како што се приближува зимата.
Во исто време, воената команда во источна Украина соопшти дека се водат жестоки борби во близина на Бахмут во областа Донецк и дека украинските сили ги контролирале руските напади врз две други области во регионот, околу Авдијевка и Ухледар.