Откако ќе се тестира системот, по десеттина дена ќе почне со работа и на територија на целата држава, а досегашните броеви 192, 193, 194 и 195 ќе продолжат да функционираат најмалку уште една година

Линијата за итни повици – 112, како единствен повикувачки број кој важи на целата територија на Европската Унија, од денеска функционира и во земјава, за почеток само во Скопје.
Наместо досегашните 192, 193, 194 и 195, односно полиција, брза помош, противпожарна единица или Центарот за управување со кризи, граѓаните со едноставно вртење на 112 можат да ја добијат која било услуга, доколку имаат каков било итен случај и потреба од државата.
За почеток, телефонскиот број 112 ќе функционира само на територијата на Скопје. Откако ќе се тестира системот, по десеттина дена ќе започне со работа и на територија на целата држава, бидејќи, како што се посочува, се работу за комплексен систем кој во себе обединува неколку различни субјекти, како министерства и противпожарните единици (кои се децентрализирани, односно се во надлежност на општините) и Итната медицинска помош.
„На единствениот повикувачки број граѓаните ќе добиваат услуга без разлика за каква опасност се работи. Нашиот оператор во реално време веднаш ја гледа локацијата од која го добива повикот, без разлика дали се работи за фиксна телефонска линија или мобилна телефонска линија. Со внесување на податоците во системот во компјутерот со стискање на едно копче истовремено овие информации одат на трите места и во полиција, и во брза помош и во противпожарна единица“,
изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов на денешната промоција на линијата за итни повици.
Премиерот Димитар Ковачевски најави дека системот ќе почне со работа во осум оперативни центри, покрај Скопје тој ќе функционира и во Тетово, Куманово, Велес, Штип, Струмица, Охрид и Битола, сите опремени согласно европските директиви за оваа намена.
„Вработените во овие центри се оперативци обучени да примаат повик и да воспостават комуникација со лица со различни проблеми, во согласност со врвниот принцип на поврзување меѓу луѓето на кој им е потребна итна помош преку оперативните служби, со пружање помош како највисок приоритет“,
вели Ковачевски.
Евромбасадорот Дејвид Гир, во своето обраќање, истакна дека предноста на овој број е во едноставноста. Со вртење на бројот 112 можат да се добијат сите служби што се потребни во итни случаи.
Бројот 112 спасува животи. Ќе го направиме оперативен овој број во државата, но тоа бара огромна соработка помеѓу сите институции. Особено сум горд што ЕУ помогна во воспоставување на систем што може да помогне во спасување животи“,
рече Гир и додаде дека потребно е да се направи голема кампања, со цел промоција и информирање за овој број.
Телефонските броеви 192, 193 или 194 ќе продолжат да функционираат најмалку уште една година и доколку граѓаните ги повикаат овие броеви, Ангелов вели дека ќе ја добијат потребната услуга.