На денот за високи гости на вежбата „Блесок 22“ Петровска ја пофали Армијата велејќи дека на дело покажала дека е способна и мотивирана, како и дека функционира според највисоките НАТО-стандарди. Одговарајќи на новинарски прашања, министерката рече дека сè уште не е донесена одлука припадници на нашата Армија да ја засилат источната линија на НАТО односно линијата која ја сочинуваат земјите-членки на Алијансата кои граничат со Украина

Најголем дел од парите во одбраната се насочени кон купување нова софистицирана опрема, а испораката на првите, како што е најавено, шест американски оклопни возила ќе почне некаде во јуни оваа година.
Ова денеска го најави министерката за одбрана, Славјанка Петровска, од армискиот полигон Криволак каде имаше Ден за високи гости во рамки на вежбата „Блесок 22“.
Зборувајќи за набавките, министерката посочи дека планот бил донесен минатата недела.
„Минатата недела го донесовме и планот за набавки од областа на одбраната и безбедноста, но преку договори Влада со Влада. Таму има опфатени осум проекти кои се однесуваат и на зголемување на капацитетите, на одбранбени капацитети на лесниот пешадиски баталјон. Меѓутоа, набавки и во областа на артилерија и други набавки кои се потребни за армијата. Сите тие набавки се прават согласно долгорочниот и среднорочниот план за развој на армијата“,
рече министерката.
На денот за високи гости на вежбата Блесок 22, Петровска ја пофали Армијата велејќи дека на дело покажала дека е способна и мотивирана, како и дека функционира според највисоките НАТО-стандарди.

„Ова е голем успех на Армијата на која сум особено горда. Професионалноста и посветеноста на нашата Армија денеска доби уште еден печат. Нашиот Лесен пешадиски баталјон кој е оценет како борбено способен за извршување на својата мисија според најстрогите НАТО-стандарди, под мониторинг на искусни набљудувачи од НАТО-Алијансата. 85 проценти од домашните оценувачи се сертифицирани согласно највисоките стандарди на Алијансата што драстично го надминува НАТО-стандардот од 50 проценти сертифицирани домашни набљудувачи. Ова покажува дека Армијата постојано се развивала, ги гради своите капацитети, вложувала во своите професионалци“,
рече Петровска.
Таа се заблагодари на сојузниците од САД и Обединетото Кралство кои многу помогнале овој баталјон да се стекне со вакви перформанси и да добие вакви високи оценки. Станува збор за баталјон кој е прва поголема единица од нашата Армија која се оценува според стандардите на НАТО.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерката рече дека сè уште не е донесена одлука припадници на нашата Армија да ја засилат источната линија на НАТО односно линијата која ја сочинуваат земјите-членки на Алијансата кои граничат со Украина.
„Таа одлука ќе се донесе во периодот согласно со координацијата со НАТО-Алијансата и ако донесеме и кога ќе донесеме секако дека ќе ве известиме“,
рече Петровска.
На прашањето, пак, дали е испорачана помош во Украина, министерката Петровска информира дека се испорачува во повеќе фази.
„Се разбира дека заради специфичноста и доверливоста не го соопштуваме тоа, но ги соопштивме двете одлуки кога донесовме одлуки за тоа“,
изјави Петровска.
