Јапонското Министерство за здравство потврди дека се заразени пет лица кои пристигнале во земјата од Британија, во периодот меѓу 18 и 21 декември
Во Јапонија и во Ирска се регистрирани први случаи на зараза со новиот вид на коронавирус.
Јапонското Министерство за здравство потврди дека се заразени пет лица кои пристигнале во земјата од Велика Британија, во периодот меѓу 18 и 21 декември, односно пред Јапонија да ја зајакне контролата на границите за патници од Британија, каде што неодамна првично се појави новиот вид на коронавирус.
Еден од заразените се чувствувал истоштено, а останатите немаат симптоми и сите се наоѓаат во изолација, пренесува МИА.
По позитивниот тест на коронавирус, со натамошна анализа е потврдено дека станува збор за мутиран вирус кој полесно се пренесува, се наведува во соопштението на Министерството.
Ирска денеска, исто така, потврди дека во земјата е присутен новиот, позаразен вид на коронавирус.
„Можам да потврдам дека во Националната лабораторија, со секвенцирање на цел геном, го откривме новиот вид на вирусот SARS-CoV-2“,
истакна високиот здравствен претставник Тони Холохан.
Тој додаде дека со натамошни анализи во следните денови ќе биде утврдено колку е раширена мутацијата во Ирска.
