Компанијата за електродистрибуција, како што кажа тој, постапила според одлуката на РКЕ
Новововедениот надоместок за пристап до мрежа од 200 денари ќе биде тргнат од јануарските сметки, бидејќи граѓаните веќе го имаат овој надоместок во сметките од декември, инфрмираше денеска претседателот на Регулатроната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски. Ова, како што нагласи тој, се прави со цел „да се тргнат сите сомнежи дека тоа е екстра давачка или профит за некого“.
„РКЕ го прави ова за да ги убедиме сите дека новиот надоместок нема да биде екстра профит за ниту една компанија. Едноставно довербата која што треба да се гради помеѓу потрошувачите од една страна и операторот на дистрибутивниот систем од друга страна мора да ја промовираме и да ја зголемуваме и во таа насока уште еднаш потенцирам дека во јануарските сметки коишто граѓаните ќе ги добиваат во месец февруари ќе го нема надоместокот од 200 денари“,
рече Бислимоски.
Компанијата за електродистрибуција, како што кажа тој, постапила според одлуката на РКЕ.
„Одлуката стапи во сила од 1 јануари. Во самите сметки веќе има потрошувачка која се однесува и на јануари и поради тоа го ставиле, значи не згрешиле, но за да ја зголемиме довербата во јануарската сметка ќе го нема тој надоместок за да знаат граѓаните дека никој не остварува екстра профити и тука да бидеме начисто. Тоа го правиме едноставно за да ја зголемиме довербата помеѓу потрошувачите и помеѓу операторот на електродистрибутивниот систем. Значи, не станува збор за никаква грешка“,
посочи Бислимоски и додаде дека овој надоместок ќе продолжи да се наплатува во следните сметки за струја, за февруари, март, април и тн.
Тој апелираше до граѓаните да ја искористат можност за самоотчитување на броилата.
„До РКЕ во однос на сметките за електрична енергија има стигнато помеѓу 10 и 15 поплаки од граѓани. Ние тие ги водиме како претставки и понатака бараме информација од операторот на електродистрибутивниот систем којшто е должен да ни одговори и врз основа на тие приговори потоа РКЕ носи одлуки. Значи, уште еднаш апелираме граѓаните да ја искористат можност за самоотчитување. Тоа го имаме воведено пред неколку години. Таа состојба на броилото која што ќе ја отчита граѓанинот е задолжителна за ЕВН да ја имплементира во нивните сметки“,
порача Бислимоски.
На крајот на декември минатата година, РКЕ донесе одлука цената на струјата за домаќинствата од 1 јануари да се намали за 5,16 отсто за првиот блок, за вториот блок и за евтината тарифа да остане иста, за третиот блок да поскапи за 2,88, а за четвртиот блок за 1,86 отсто.
Како што тогаш соопшти Бислимоски на прес-конференција, била донесена одлука од 1 јануари да се воведе и надомест за пристап до мрежа од 200 денари месечно. Доколку не се вовел овој надомест, нагласи Бислимоски, ќе имало поскапување на цената на електричната енергија за 3,4 отсто во првиот блок, за 8,62 во вториот, за 9,46 во третиот и за 4,92 отсто во четвртиот блок, додека цената на струјата во евтина тарифа ќе се зголемела за 15,42 отсто. Дополнително, како што изјави претседателот на РКЕ, со ваквиот потег, овозможено било намалување на мрежарината за речиси 23 отсто.