Со цел да се утврди кој ја кажува вистината, партијата ја повикува ЕСМ да ги објави сите јавни повици и договори за купопродажба на електрична енергија за граѓаните да имаат увид во тоа како се менаџираат електроенергетските капацитети на државата
Во јануари за 22,5 отсто е намалено производството на термоелектраните, соопштија денеска од Демократската унија за интеграција (ДУИ), повикувајќи се на податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС).
Оттаму вчера соопштија дека од почетокот на 2026 година, ЕСМ со цел да ги покрие потребите на домаќинствата и малите потрошувачи била принудена да набавува електрична енергија во најмалку два наврати, при што се потрошени 24 385 872 евра за увоз на електрична енергија.
„Тоа што го објавивме во однос на купувањето електрична енергија, вчера го потврди и ДЗС, со тоа што во јануари бруто-производството на електрична енергија од страна на термоелектраните е намалена за цели 22,5 отсто споредено со истиот период од претходната година“,
се вели во партиското соопштение.
Според ДУИ, овој недостаток е целосно компензиран со купување базна електрична енергија.
„Електричната енергија е купена од ТЕ-ТО и тоа е јавна достапна информација“,
пренесуваат од оваа партија.
Со цел да се утврди кој ја кажува вистината, ДУИ ја повикува ЕСМ да ги објави сите јавни повици и договори за купопродажба на електрична енергија за граѓаните да имаат увид во тоа како се менаџираат електроенергетските капацитети на државата.
Од ДУИ вчера соопштија дека во јануари се набавени 104 160 мегават-часови по цена од 119, 50 евра за мегават-час или вкупно 12 447 120 евра, а во февруари, пак, биле 94 080 мегават-часови по цена од 126,90 евра за мегават-час или вкупно 11 938 752 евра.
Овие бројки, велат од ДУИ, јасно покажуваат дека ЕСМ нема доволен производствен капацитет за да ги покрие потребите на регулираниот пазар, што директно води кон зголемен притисок врз цената на електричната енергија за граѓаните.
За премиерот Христијан Мицкоски, тоа што го кажуваат од ДУИ е спротивно на вистината бидејќи „не ја владеат материјата“.