Техеран го опиша овој потег на Вашингтон како знак на сериозност во постигнувањето договор. Тие шест милијарди долари првично беа замрзнати во 2018 година и требаше да бидат ослободени во 2023 година како дел од размената на затвореници меѓу САД и Иран

Соединетите Американски Држави (САД) и Иран денеска треба да одржат разговори во пакистанскиот главен град Исламабад обидувајќи се да ја завршат шестнеделна војна, иако Техеран изрази сомнеж за разговорите велејќи дека тие не можат да започнат без обврските кон Либан и санкциите.
Разговорите започнуваат откако во средата САД, Израел и Иран се согласија на двонеделен прекин на огнот, иако Иран изрази несогласување со продолжувањето на воените дејствија на Израел врз Либан.
Во меѓувреме, извори во Техеран објавија дека САД се согласиле да одмрзнат ирански средства во вредност од шест милијарди долари. Техеран го опиша овој потег на Вашингтон како знак на сериозност во постигнувањето договор.
Тие шест милијарди долари првично беа замрзнати во 2018 година и требаше да бидат ослободени во 2023 година како дел од размената на затвореници меѓу САД и Иран. Сепак, средствата беа повторно блокирани од администрацијата на претседателот Џо Бајден по нападот врз Израел од 7 октомври 2023 година од милитантната организација Хамас, сојузник на Иран.
Американските претставници тогаш изјавија дека Иран нема да може да пристапи до овие средства во догледна иднина нагласувајќи дека Вашингтон го задржува правото целосно да ги замрзне.
Делегациите пристигнаа во Исламабад
Потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, веќе пристигна во Пакистан на предвидените разговори меѓу САД и Иран за прекин на војната на Блискиот Исток. Венс, кој ја предводи американската делегација, беше пречекан во воздухопловната база Нур Кан во близина на Исламабад од моќниот шеф на пакистанската војска, Асим Мунир.
Иранската делегација во Исламабад, пак, се состои од 70 лица, вклучувајќи преговарачи и експерти. Делегацијата ја предводи претседателот на иранскиот парламент Мохамед Бакер Калибаф, а во неа е и министерот за надворешни работи Абас Аракчи.

Почетокот на разговорите не значи дека се отстранети сите потешкотии. Иран тврди дека, покрај тоа што Вашингтон претходно се согласил да ги деблокира иранските средства, се согласил и да воспостави прекин на огнот во Либан, каде што израелските напади врз милитантите на Хезболах убија речиси 2 000 луѓе од почетокот на борбите во март. Иран често потенцираше дека разговорите нема да започнат сè додека не се исполнат овие ветувања.
Израел и САД изјавија дека кампањата во Либан не е дел од прекинот на огнот, додека Техеран сепак и натаму инсистира дека е.
Преговорите ќе ги води пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар, кој со недели дипломатски работи на решение на конфликтот.
