Според одлуката, од денеска до 31 декември 2022 година деловните субјекти и другите обврзници во односите со потрошувачите мора јасно да ги наведат цената и другите парични вредности и во евра и во куни, откако Советот на Европската Унија донесе одлука за усвојување на еврото во Хрватска од 1 јануари идната година
Во Хрватска од денеска стапува во сила законската обврска за двојно прикажување на цените, во куни и во евра. Одлуката се воведува како мерка за заштита на потрошувачите во процесот на воведување на новата валута откако Советот на Европската Унија донесе одлука за усвојување на еврото во Хрватска од 1 јануари идната година.
Според одлуката, од денеска до 31 декември 2022 година деловните субјекти и другите обврзници во односите со потрошувачите мора јасно да ги наведат цената и другите парични вредности и во евра и во куни.
Цените на стоките и услугите мора да бидат јасно видливи, лесни за читање, разбирливи, изразени на таков начин што нема да го доведуваат во заблуда потрошувачот, а тој да може точно да разбере на кои стоки или услуги се однесува цената и да може да провери дали цените се правилно пресметани.
Двојното декларирање на цените компаниите ќе треба да го применат на ценовниците и промотивните материјали што ги објавуваат и на интернет и во медиумите.
Откако утврди дека Хрватска ги исполнува сите потребни услови за воведување на еврото како официјална валута, Советот на ЕУ на 12 јули годинава донесе одлука за усвојување на еврото во оваа земја од 1 јануари 2023 година.
Советот на ЕУ утврди дека курсот е 7,53450 куни за едно евро.