Во Хрватска потврден е првиот случај на т.н. флурона – кога некое лице има и грип и коронавирус одеднаш, јавуваат хрватските медиуми. Јасмина Вранеш, раководител на Одделот за клиничка микробиологија на Националниот институт за јавно здравје од Хрватска за ХРТ потврди дека на еден пациент вчера му биле дијагностицирани двата вируса – грип и коронавирус.
„Не е непознато дека е можно да се заразиме со повеќе патогени одеднаш. Треба да видиме каква ќе биде клиничката слика во случаите на т.н. флурона“,
рече Вранеш.
Епидемиологот Дијана Мајер ги опиша симптомите на грип и коронавирус. Вели дека се совпаѓаат и тешко се разликуваат.
„Грипот има потешки симптоми, се појавуваат побрзо – температурата е 39 степени и има болки во мускулите. Со ковид-19 симптомите се поблаги и болеста постепено напредува. Двете комбинации зависат од поединецот, статусот на вакцинација и коморбидитетите на лицето. Не е исто дали помлад или постар ќе добие. Во секој случај, вакцинацијата и против грип и против ковид-19 се препорачува, а не е задолжителна“,
истакна Мајер.
Во Хрватска бројот на новозаразени со коронавирус продолжува да расте на неделно ниво. Повеќе од 55 проценти од позитивните на ковид-19 се во Сплитско-Далматинскиот регион.