Во изминатите три месеци во Грција, 99 отсто од лицата на возраст од 60 до 80 години, кои биле хоспитализирани во тешка состојба или починале од ковид-19, биле невакцинирани
Веќе од минатата седмица забележуваме значително зголемување на активните случаи од 75 отсто. Имаме нешто повеќе од 6 000 активни случаи, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на денешниот состанок со претставниците на Униите на општини и периферии, јави дописничката на МИА од Атина.
Тој додаде и дека прашање на време кога и во Грција ќе почне да преовладува делта-сојот.
„Мутацијата Делта веќе е регистрирана во нашата земја. Прашање на време е, како што проценува европското ЕЦДЦ и овде, како и во многу земји, да биде мутација што ќе преовладува. Веќе поинтензивно ја гледаме, на пример на Крит. Што значи ова? Дека оние кои не се вакцинирани, особено поранливите наши сограѓани се во поголема опасност да се заразат и сериозно да се разболат“,
рече Мицотакис.
Грчкиот премиер се осврна и на процесот на вакцинација, рече дека 56 отсто од граѓаните ја примиле првата доза, а речиси 47 проценти се целосно вакцинирани. Целта на грчките власти, како што кажа Мицотакис, е во следните два месеца да се убедат што повеќе граѓани да се вакцинираат, за на почетокот на есента да се стигне до посакуваниот имунитет на населението од 70-75 отсто.
Тој најави дека во текот на летото ќе се организираат и мобилни единици кои ќе ги вакцинираат Грците во туристичките места.
Говорејќи за важноста на вакцинацијата, Мицотакис истакна дека, согласно податоците од изминатите три месеци, 99 отсто од лицата на возраст од 60 до 80 години, кои биле хоспитализирани во тешка состојба или починале од ковид-19, биле невакцинирани.