Преовладува алфа варијантата со 13 560 потврдени случаи или 81,7 отсто од вкупниот број мутации
На 54 се зголеми бројот на регистрирани случаи на делта сојот на коронавирусот во Грција., откако Националната организација за јавно здравје, во денешниот седмичен извештај за мутациите, соопшти дека се потврдени 25 нови случаи, јави МИА од Атина.
Од анализиран 1 201 позитивен случај во периодот од 31 март до 21 јуни 2021 година, 790 се од алфа – сојот, 25 се делта и шест бета, додека пак 340 се под мониторинг.
Во Грција, преовладува алфа варијантата со 13 560 потврдени случаи или 81,7 отсто од вкупниот број мутации.
Од 54 случаи на делта мутацијата, првпат откриена во Индија, повеќе од половина, односно 30, се во градот Ираклио на островот Крит, а од кои 14 се поврзани по проверката на контактите на веќе познат случај.
Останатите 24 позитивни случаи се во различни делови на Грција: осум во поширокиот регион на Атина, пет во Солун, четири на островот Лезбос, два на островот Парос и по еден на Халкидки, во Коринт, во областите Евија и Ахаија и на атинскиот аеродром.