Повеќе од 800 лица се уапсени за време на меѓународната полициска акција против организираниот криминал, која е реализирана по декодирање на шифрираната комуникација меѓу повеќе криминални групи, објави Европската полициска служба (Европол).
„Минатата недела неколку стотици лица беа уапсени во полициски операции ширум светот, од Нов Зеланд и Австралија, до Европа и САД. Резултатот е импресивен“,
рече на прес-конференција заменик-директорот на Европол, Жан-Филип Лекуф.
Тој рече дека се уапсени повеќе од 800 лица, претресени се 700 локации и запленети се осум тони кокаин.
Претставниците на американското Федерално истражно биро (ФБИ) на истата прес-конференција одржана во Хаг изјавија дека полициската операција спасила неколку стотици животи, пренесува АФП. Тие, исто така, изјавија дека „беа спречени повеќе од 100 смртоносни закани“.
Полициската акција беше покрената во неколку земји кои во текот на три години, почнувајќи од 2018 година, координирано работеа на декодирање на шифрираната комуникација на криминалните мрежи. Меѓу другото, беше дешифрирана апликацијата АНОМ, која ја користеле криминалните мрежи ширум светот за комуникација.
Планови за трговија со дрога, перење пари и убиства
Во операција на австралиската полиција и ФБИ, официјални лица на САД ја презеле контролата врз апликацијата за размена на пораки АНОМ, која ја користеле мрежи на организиран криминал.
Откако едно лице, кое му припаѓало на австралиското подземје, почнало да им дели модификувани телефони кои ја содржат апликацијата на своите соработници како безбедно средство за комуникација, полицијата можела да ги следи нивните пораки. Бандите верувале дека системот е безбеден бидејќи на телефоните биле исклучени други можности, како камера или гласовна комуникација, а телефоните биле шифрирани.
„Бевме во задните џебови на организираниот криминал. Сите разговори беа поврзани со дрога, насилство, меѓусебни напади, невини луѓе кои ќе бидат убиени“,
рече комесарот на Австралиската федерална полиција (АФП), Рис Кершоу, на брифинг со новинарите.
Извршувајќи најголем број налози за претреси во еден ден во Австралија, полицијата заплени 104 огнени оружја во понеделникот, на 7 јуни, како и речиси 34,9 милиони долари во готовина.
Поднесени се вкупно 525 обвиненија, но властите очекуваат таа бројка да се зголеми во следните недели.
Австралискиот премиер Скот Морисон ја нарече операцијата „пресвртница“ која ги погоди криминалните банди на глобално ниво.
Полицијата во Австралија изјави дека во неколку земји во Европа, САД, Австралија и Нов Зеланд, е дешифрирана апликацијата АНОМ, која ја користеле криминалните мрежи ширум светот за комуникација.