Тоа им олеснува на трансродовите, интерсексуалните и небинарните лица да го менуваат полот во официјалните документи. Законот беше изгласан во април од коалицијата на левиот центар, по многубројни дискусии и силно противење од десничарските и конзервативните партии
Во Германија од вчера стапи во сила Законот за самоопределување кој им овозможува на граѓаните еднаш годишно, со давање изјава во матичната служба, да го променат името и полот во женско, машко или различно, што е опција за третиот пол кој веќе постои според германскиот закон.
Тоа им олеснува на трансродовите, интерсексуалните и небинарните лица да го менуваат полот во официјалните документи. Законот беше изгласан во април од коалицијата на левиот центар, по многубројни дискусии и силно противење од десничарските и конзервативните партии.
На малолетниците над 14 години им е потребна согласност од родителите или старателите за промена на името и полот. Во случај на деца под 14 години, родителите треба да поднесат изјава до матичната служба.
Во рок од 12 месеци од одобрувањето на барањето не може да се изврши понатамошна промена или враќање на претходниот пол.
„Со спроведувањето на Законот за самоопределување, едноставната промена на полот и името конечно стана реалност“,
рече германската министерка за семејства, стари лица, жени и млади Лиза Паус, член на Зелените.
Германскиот комесар за квир, Свен Леман, исто така од Зелените, рече дека Германија се приклучила на групата земји кои им дозволуваат на луѓето да го менуваат полот и името без притоа на нив да се гледа како да се болни.
Слични прописи веќе постојат во 16 земји, вклучувајќи ги Аргентина, Нов Зеланд, Ирска и Швајцарија.
Со влегувањето во сила на Законот за самоопределување во Германија се укинува контроверзниот Закон за трансродовите лица од 1980 година, кој пропишува долга процедура за промена на полот во документите. Тоа значеше и два психолошки извештаи, од кои секој чинеше по илјада евра, а во кои требаше да се одговори на многубројни прашања „премногу интимни“. Федералната влада оцени дека повеќе нема оправдување за ова.
Според новиот закон, ќе може да се менува полот во документите и без „вистинска“ промена на полот. Министрите што го претставија новиот закон велат дека не очекуваат многу луѓе да ја искористат можноста за промена на полот во неколку наврати, а сметаат дека тоа ќе биде само 1 до 1,5 отсто од луѓето.
За промена на регистрацијата на полот и името доволна е само изјава во матично – без извештаи, лекарски уверенија или судски наредби.
За регистрација е потребен период од три месеци. Апликациите за промена се можни од август. Според истражувањето на весникот „Билд“, околу 6 000 луѓе веќе се пријавиле дека сакаат да го променат полот кога новиот закон ќе стапи во сила.
