Вкупно 185 тони отпад или отпад што на дневно ниво го генерираат Битола и Тетово е собран во екоакцијата „Генералка викенд“, која годинава се спроведе во 26 општини ширум земјава, вклучувајќи го и Градот Скопје. За разлика од ланската „Генералка“, годинава во акцијата учествувале 7 400 волонтери, што е седумкратно зголемување на бројот на учесници од минатата година, кога во акцијата учество зеле околу 1 000 волонтери
Идејата зад екоиницијативата „Генералка викенд“ не е единствено да се исчисти отпадот од минатото туку, како што велат организаторите, да се рециклира во зелена иднина која треба да даде надеж и можности за идните генерации да останат во нашата земја
Вкупно 185 тони отпад се собрани во еколошката акција „Генералка викенд“, која во периодот од 6 до 8 мај се спроведе во 26 општини ширум земјава, вклучувајќи го и Градот Скопје, каде што со „чистка“ на планината Водно официјално започна годинешната екоакција.
Овој собран отпад е количество што на дневно ниво го генерираат Битола и Тетово, рече на на денешната презентација на резултатите од акцијата, Филип Ивановски, извршниот директор на „Пакомак“ – еден од партнерите на настанот.
„Денеска сите камиони со смет од Тетово и Битола да не завршат на прописно место, туку во природата – тоа е количеството отпад што го собравме во оваа акција. Има најмалку уште толку отпад низ природата и затоа апелирам да се однесуваме совесно и селектирањето на отпадот да го сфатиме како најдобро решение за справување со ваквото загадување во случајот со отпад“,
посочи Ивановски.
За разлика од ланската „Генералка“, годинава во акцијата учествувале 7 400 волонтери, што е седумкратно зголемување на бројот на учесници од минатата година кога во акцијата учество зеле околу 1 000 волонтери, а биле собрани нешто повеќе од 100 000 килограми отпад.
На денешното презентирање на резултатите од „Генералка викенд“, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, посочи дека оваа акција претставува одличен пример за координација и вклучување на сите државни институции, локалната самоуправа, бизнис секторот, колективните управувачи со отпад, граѓанските здруженија и граѓаните воопшто, а акцијата ја покажува важноста на секој чинител во справување со отпадот.
„Акцијата ја покажува важноста на секој чинител во справување со отпадот. Се развива свеста за правилно одложување на отпадот, се создаваат навики за селектирање на отпадот и се развива потребата за одржување на чиста животна средина. Но, исто така, со трансформација на одредено количество отпад собран од дрвни насади што се садат потоа на одредени одбрани локации, отпадот се претвора во зелена гора или парк кој е видлив бенефит за сите“,
рече Нуредини.
Тој додаде оти Министерството го поддржува овој проект од самиот почеток и дека воспоставувањето одржлив систем за управување со отпадот е еден од најголемите императиви на кои Министерството напорно работи.
Главните иницијатори и организатори на еко-акцијата „Генералка викенд“, Гордана Софија и Ханес Јекл од организацијата „Мен енд Маунтен“, кои веќе втора година по ред ја спроведуваат оваа акција, изразија благодарност до секој учесник на „Генералка викенд 2022“ и посочија дека на ваков начин постои можност за нашата земја да остане чиста за идните генерации.
Идејата зад „Генералка викенд“ не е единствено да се исчисти отпадот од минатото туку, како што велат организаторите, да се рециклира во зелена иднина која треба да даде надеж и можности за идните генерации да останат во нашата земја.
Иницијативата која е предвидено да трае од 2021 до 2031 година има двоен ефект и се одвива во две етапи, односно во два различни периоди од годината. Првиот дел од проектот е напролет, кога се собира и се селектира отпадот од паркови, планини, излетнички места, училишта низ општините ширум земјава. Втората етапа, пак, се случува наесен кога секој десетти килограм отпад кој бил собран во пролетната чистка, ќе се замени со едно засадено дрвце, чие садење е имплементирано во годишните програми за пошумување на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.