Пациент кој бил лекуван од пневмонија во болница во близина на Париз на 27 декември 2019 година, всушност имал коронавирус, пишува Би-би-си.
Ова укажува дека вирусот пристигнал во Европа речиси еден месец порано отколку што се сметаше досега.
Францускиот лекар Ив Коен изјавил дека брисот кој тогаш бил земен од пациентот неодамна е тестиран и бил позитивен на ковид-19.
Пациентот е излекуван, а изјавил дека не знае каде се заразил бидејќи не патувал во странство.
Отворајќи го прашањето кога всушност коронавирусот пристигнал во Европа, Би-би-си, потенцира дека клучно е да се знае кој е првиот случај за да може да се види како се ширел вирусот.
Од Светската здравствена организација (СЗО) велат дека е можно на површина да испливаат повеќе вакви случаи, а портпаролот на ова тело, Кристијан Линдмаер, ги повика државите да направат евиденција за вакви случаи со цел да се добие појасна слика за ширењето.
Од Министерството за здравство на Франција за Би-би-си изјавиле дека Владата добила потврда за случајот со пациентот и оти ќе ги преземат сите потребни мерки за се истражи ситуацијата.
Французите не се единствените кои открија ваков случај. Сојузната американска држава Калифорнија направи постмортен тест на починат пациент и пред две недели потврди дека всушност првиот смртен случај од ковид-19 во САД бил речиси еден месец претходно од она што се сметаше досега.