Во инспекција на фабриката во Италија се пронајдени 29 милиони дози вакцини на „Астра Зенека“, изјави француски официјален претставник, пренесува Ројтерс. Сè уште се потребни проверки дали станува збор за вакцини наменети за извоз.
Италијанските власти, во рамките на истрагата што ја покрена Европската комисија, во италијанската фабрика „Каталент“ во местото Анањи во близина на Рим открија огромна количина дози на вакцината на „Астра Зенека“, информира весникот „Ла стампа“ додавајќи дека вакцините биле подготвени за транспорт до Велика Британија.
„Во Италија, значи, постои вакцина за која се борат ЕУ и Велика Британија. Оваа количина вакцини е исклучително важна и за ЕУ и за Велика Британија. Што се однесува до Европската Унија, ова е двојно повеќе отколку што цела Европска Унија досега има добиено од ‘Астра Зенека’, додека за Британците тоа значи гаранција дека скоро 15 милиони граѓани ќе добијат втора доза од вакцината“,
коментира весникот.
Европската комисија одби да ги коментира пронајдените дози. Портпаролот на „Астра Зенека“ исто така не одговорил на прашањата на Ројтерс.