Меѓу последните кои се огласија во врска со ситуацијата во Украина е и Германија која објави дека ги става своите војници во силите за брза реакција на НАТО во зголемена готовност со цел да овозможи побрзо распоредување во случај на ескалација на тензиите

Во Европа моментно се случува најголемото трупање војници по Студената војна, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Тој предупреди дека бројноста на руските сили што моментално се распоредуваат, далеку го надминува потребниот број на трупи за воени вежби.
„Нема сомнеж дека сега имаме најголема концентрација на воени сили во Европа од крајот на Студената војна“,
истакна Столтенберг за германската телевизија „Зе-де-еф“, предупредувајќи дека Русија сега има капацитет да изврши инвазија без предупредување.
Во источниот дел на Украина, како што објавија бунтовниците поддржани од Русија почнала и евакуација на цивилно население, информација која САД ја квалификуваше како „циничен потег“ со цел да се скрие дека Русија е таа која е агресорот во украинската криза.
Меѓу последните кои се огласија во врска со ситуацијата во Украина е и Германија која денеска објави дека ги става своите војници во силите за брза реакција на НАТО во зголемена готовност со цел да овозможи побрзо распоредување во случај на ескалација на тензиите.
Одлуката, донесена во тесна соработка со сојузниците на НАТО, е реакција на однесувањето на Русија и има за цел да го намали времето потребно за подготовка за распоредување во случај на активирање на силите за одговор на НАТО (НРФ), соопшти Министерството за одбрана на Германија.