Според податоците што ги објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на официјални податоци на земјите од ЕУ, половина од населението на Европската Унија е целосно вакцинирано против коронавирус, додека според податоците на македонските здравствени власти, кај нас со една доза против коронавирусот се вакцинирани 31 процент
Според податоците што денеска ги објави Министерството за здравство, заклучно со 1 август, со една доза вакцина против ковид-19 вакцинирани се 31% од населението над 18-годишна возраст. Кај лицата над 50-годишна возраст опфатот со една доза изнесува 50,6%, кај лицата над 60-годишна возраст опфатот со една доза изнесува 61,2%, додека кај лицата над 70 години изнесува 64,9%.
Во Унијата, 223,8 милиони луѓе се целосно вакцинирани против ковид-19, што значи дека примиле две дози од вакцината, или една доза по прележана болеста.
Од 27 земји членки на ЕУ, 13 го поминаа прагот од 50 проценти целосно вакцинирани. Меѓу тие земји се Шпанија со 58 проценти од вакцинираните, Италија со 54 проценти, Франција (53 проценти) и Германија (52 проценти).
Земјите со најголем процент на вакцинирани се Малта (74 проценти) и Белгија (59 проценти). Најниските проценти се забележани во Бугарија (14 проценти) и Романија (25 проценти).
ЕУ, која продолжува да вакцинира со стабилно темпо, сега е пред САД, бидејќи според податоците од 1 август, 49,7 проценти од населението во таа земја е целосно вакцинирано (во споредба со 49,8 проценти во ЕУ) .
Досега четири вакцини се одобрени во Европската Унија – „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“, „Астра Зенека“ и „Џонсон и Џонсон“. Покрај овие вакцини, Унгарија и Словачка користат и вакцини кои не се одобрени од Европската агенција за лекови, а се произведени во Русија или Кина.