Тој најави дека пред да започне процедурата за тендер ќе ги покани на дебата сите засегнати страни, вклучувајќи ги и оние што се за и оние што се против. Целта, како што вели, е да се разговара и да се споредат различни стратегии, како што е концептот нула отпад за кој тежнеат најразвиените европски земји

Премиерот Христијан Мицкоски најави дебата во врска со планот за јавно-приватно партнерство за депонијата „Дрисла“ откако неговата вчерашна изјава наиде на критики кај граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“. Тој смета дека дебата е неопходна пред да се донесе каква било одлука.
„Тоа што вие го кажувате, јас вчера и го антиципирав. И реков дека сега, после ова што јас ќе го кажам, ќе излезат неколкумина и ќе бидат против. И тоа е нормално. Не може во животот сите да бидат за. Мора да има и такви што треба да бидат против“,
изјави Мицкоски.
Тој најави дека пред да започне процедурата за тендер, ќе ги покани на дебата сите засегнати страни, вклучувајќи ги и оние што се за и оние што се против. Целта, како што вели, е да се разговара и да се споредат различни стратегии, како што е концептот нула отпад за којшто тежнеат најразвиените европски земји.
„Која е таа стратегија за нула отпад, којашто би била апликативна во држава којашто за жал поради политиките од претходните децении е една од најсиромашните држави во Европа и има суштински, егзистенцијални проблеми. И да ја споредиме со најразвиените европски земји, да речеме скандинавските, каде што да, точно, постојат такви градови коишто немаат нула отпад, но тежнеат кон таа мерка“,
рече Мицкоски.
Според него, многу било лесно да се даваат изјави, „да се создава магла, да се растураат пердуви и потоа кога ќе дојдеме до решение, никој да не знае кое е решението“.
На прашањето за пожарите на депониите и непријатната миризба што ги мачи граѓаните, Мицкоски истакна дека проблемот со Вардариште и „Дрисла“ е повеќедецениски.
„Ако мислите на ова што се случува на депониите и палењето на истите, можам да кажам дека после успешно завршената сезона на пожари, споредено со другите држави во регионот, каде што имаше жртви, големи населени места беа евакуирани, ние такви случаи немавме, поради добрата организација и навременото постапување“,
рече Мицкоски.
Тој нагласи дека се работи со општествено одговорни градежни компании за да се обезбеди механизација на двете депонии и да се интервенира. Мицкоски смета дека палењето на депониите е намерно и дека очигледно на некого тоа му пречи и периодот на предизборие го користи за да создаде паника и негодување.
Мицкоски кажа дека, како и многу други проблеми, и овој ќе биде решен, а со изборот на нов градоначалник на Скопје тој е убеден дека ќе се најде трајно решение, вклучително и изградба на фабрика за отпад, која ќе го користи метанот за производство на електрична енергија.