Дурмиши вели дека овие кадри уште од минатата година посетуваат обука за да станат инспектори и оти таа ќе трае до средината на годинава

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) до средината на оваа година ќе има 40 нови инспектори, најави министерот за економија Бесар Дурмиши.
Тој вели дека овие кадри уште од минатата година посетуваат обука за да станат инспектори и оти таа ќе трае до средината на годинава. Потоа, додава тој, овие инспектори ќе бидат дел од ДПИ и ќе се следи како се движат работите после зајакнувањето на Инспекторатот.
Дурмиши вели дека на терен се потребни инспектори што ќе ја вршат контролата над сите трговски друштва со цел да се утврди кој не ги почитува законите.
Според него, сега во Државниот инспекторат за труд има околу 80 инспектори, а во Државниот пазарен инспекторат се околу 120.
„Уште во времето кога овие два инспектората, со измените на законот, го изгубија правото на правен субјект и влегоа во склоп на Министерството за економија, ја известив Владата со барање да имаме повеќе инспектори, особено во Пазарниот инспекторат, бидејќи тие го опфаќаат целиот внатрешен пазар. Во овој Инспекторат треба да има повеќе инспектори за да може да си ја вршат својата работа со отчетност и да имаме поголема контрола на целиот внатрешен пазар и над сите оние што не ги почитуваат законите“,
додаде Дурмиши.
