Полицискиот службеник од СВР Велес одговараше на директни прашања на одбраната на Палевски, а најголем дел од прашањата ги поставуваше токму обвинетиот. Главниот збор стана за пиштол „збројовка” кој не бил најден при претресот на домот на обвинетиот Боре Видевски

Со исказ на сведок на одбраната на првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, денеска во Основниот кривичен суд продолжи судскиот процес за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Откако судијата Ивица Стефановски извести дека еден од двајцата сведоци предвиден за денешното рочиште не е пронајден на посочената адреса, односно дека на таа адреса не постои такво лице и поканата е вратена, на пултот за сведоци беше повикан и застана другиот сведок.
Полицискиот службеник од СВР Велес одговараше на директни прашања на одбраната на Палевски, а најголем дел од прашањата ги поставуваше токму обвинетиот. Главниот збор стана за пиштол „збројовка” кој не бил најден при претресот на домот на обвинетиот Боре Видевски.
„Каде е пиштолот ‘збројовка’ за кој одзедовте дозвола за поседување и носење од лицето Боре Видевски”,
праша Палевски.
Сведокот рече дека не може да одговори затоа што тој не бил присутен на претресот во домот на Видевски.
Како што кажа сведокот, одговарајќи на прашањата, претресот во домот на Видевски бил вршен на 3 декември 2023 година, дента кога биле најдени телата на Вања и Панче. Кажа дека тој не присуствувал на овој претрес, туку неговите колеги. Како што појасни, присутен бил следниот ден, на 4 декември, кога сопругата на Видевски, Јасминка Видевска, доброволно го предала оружјето што било најдено.
„Од моја страна и од страна на колегите одземена е ловна пушка и куршуми калибар 9 милиметри за пиштол и тие се предани во магацин во СВР Велес”,
рече полицискиот службеник.
Меѓу одземените предмети биле одземени и две дозволи на Видевски за поседување оружје. Но, како што кажа, одговарајќи на прашањата на Палевски, не бил најден пиштол.
Прашан од првообвинетиот зошто не го барале пиштолот, сведокот кажа дека дента кога бил претресот тој не бил присутен и немал можност да го праша Видевски за оружјето. Дополнително, во однос на ова прашање, кажа дека постапувале по наредби на обвинителот и се држеле по неговите насока.
Сведокот беше прашан и зошто за најденото оружје била поведена управна постапка, на што одговори дека таа била спроведена според закон. Како што појасни, кога се поднесува кривична пријава, се спроведува и управна постапка за одземање на оружје.
„На 4 декември, кога го земавте оружјето, телата беа пронајдени, вие како полициски службеник констатиравте дека недостасува пиштол и се решивте да водите управна постапка?“,
гласеше прашањето на Палевски.
На ова сведокот одговори дека постапката е спроведена согласно закон.
Сведокот додаде дека обвинителката усно била известена дека недостасува пиштол, а за тоа усно биле известени и колегите од СВР Скопје.
На прашањето зошто во записникот за обезбедени предмети на СВР Скопје ги нема пушката, куршумите и двете дозволи за поседување оружје, сведокот кажа дека колегите од скопската полиција го прибрале она што сметале дека е од интерес на истрагата.
Рочиштето продолжи со изведување материјални докази на одбраната на Палевски, а кои дел се однесуваа на движењето на Палевски дента кога е убиена Вања.
Одбраната бара да бидат прегледани снимките од камерите во филијала на Халк банка во Буњаковец каде што Палевски, според тврдењето на одбраната, на 27 ноември во 11:44 часот уплатил пари, односно имал уплатница на која било наведено ова време. Обвинителството се спротивстави на ова со образложение дека од видеоснимките кои веќе ги извеле како докази се гледа дека Палевски во 10 часот по убиството на Вања бил во партијата Десна. Од друга страна, одбраната инсистираше овие снимки да бидат обезбедени затоа што Палевски долго време чекал во банката.
„Дополнително, ги бараме камерите од Халк банка за да се уверите колку време со сведокот Мартин Панчевски, професор во пензија, сме разговарале и сме чекале ред во банка”,
рече Палевски.
Тој побара и преку базни станици да се утврди каде се наоѓал за време на убиствата преку неговиот телефон, за што Обвинителството кажа дека доказите за бројот кој бил на име на неговата сопруга биле изведени. Но, Палевски тврдеше дека цедињата што ги приложи Обвинителството биле фалсификувани и бришени.